Бектеши на самит во Дубаи ги претстави инвестициските можности на Македонија

Во текот на денешниот ден се очекува министерот Бектеши да оствари неколку официјални средби со претставници на Владата на ОАЕ, пред кои ќе ги претстави инвестициските можности .

142

Можностите за инвестирање и економската состојба во Македонија беа претставени на Годишниот инвестициски самит што се одржува во Дубаи.

На самитот учествува и министерот за економија Крешник Бектеши кој реализираше неколку средби со заинтересирани инвеститори.

Како што соопшти Министерството за економија, Бектеши се сретнал и со Б.Р. Шети, кој важи за еден од најуспешните бизнисмени на глобално ниво и еден од најбогатите луѓе во Обединетите Емирати.

Тој изразил интерес во наредниот период да ја посети Македонија за одблизу да се запознае со можностите за инвестирање.

Шети е присутен со многу компании и фабрики во различни сектори, главно во фармацевтската индустрија. Сопственик е на глобалната фабрика NEOPHARMA и на приватнитe болници „НМЦ хоспиталс“, „Травелекс“, „ОАЕ ексчејнџ“, „Ројал“ итн.

Во текот на денешниот ден се очекува министерот Бектеши да оствари неколку официјални средби со претставници на Владата на ОАЕ, пред кои ќе ги претстави инвестициските можности и политиките за привлекување на инвестиции, како и можностите за зајакнување на економската соработка, која од аспект на трговска размена засега не е на задоволително ниво.

Самитот претставува водечка светска платформа за странски инвестиции, чија годинашна тема е „Поврзување на развиените и новите пазари преку странски директни инвестиции – Партнерство за инклузивен раст и одржлив развој“.

Самитот на едно место собира по неколку десетици илјади учесници од јавниот и приватниот сектор од над 100 земји, меѓу кои претставници на министерства и влади, научна јавност, стопански комори, индустриски и економски зони, банки и финансиски институции, стартапи и мали и средни претпријатија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...