Средствата за мерките за надоместување на трошоците за замена на старите со ПВЦ/алуминиумски прозорци и за купени и вградени сончеви колектори се исцрпени, иако роковите на огласите сѐ уште траат, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција посветена на мерките од Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година.
– Овие мерки предизвикаа огромен интерес кај домаќинствата, а распределбата на поддршката е реализирана по принципот „прв дојден, прв услужен“, сѐ до целосно искористување на предвидените средства за оваа намена. Така, за сончеви колектори пристигнаа над 900 апликации, а буџетот беше шест милиони денари, додека за ПВЦ прозори беа доставени повеќе од 1.400 барања, за буџет од 30 милиони денари – рече Бектеши.
Поради интересот на домаќинствата, министерот Бектеши најави дека ќе побара дополнителни средства за овој тип на субвенции од Владата, со првиот ребаланс на буџетот.
Тој уште еднаш потсети граѓаните да не аплицираат ниту за поддршка за печки на пелети, зашто поради големиот интерес, средствата за поддршка и за оваа мерка, која стартуваше прва, се веќе исцрпени.
– За првата мерка – субвенционирање на купување на печки на пелети, која годинава за првпат ја воведовме, имавме обезбедено 14 милиони денари, а од 645 апликанти, 433 домаќинства се субвенционирани – рече тој.