Компанијата „Еуро Блу“ од Тетово која произведува пластични ќеси, а е потписник на договорот за државна помош согласно Законот за финансиска поддршка за инвестиции од Планот за економски раст, ја посетија министрите Крешник Бектешти и Хисен Џемаили. Министерот за економија Бектеши истакна дека ваквите инвестиции ќе ја зголемат продуктивноста на компаниите и ќе им овозможи да се развиваат и да се подготват за регионалната и европска конкуренција.
– Имаше многу скептици кога го донесовме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, но ваквите инвестиции се факт дека сме на вистинскиот пат. Освен што ги мотивираме и охрабруваме странските инвестиции, со Законот ги поттикнуваме посебно младите компании низ нашата држава за да почнат да креират нови бизниси и нивните идеи со овој закон да ги направат реалност. Најдобар пример за тоа е денешната наша посета. Истовремено би сакал да ја поздравам локалната самоуправа која напорно ги информира сите компании и млади за овие мерки. Ова година веќе имаме раст на индустриското производство, зголемување на работните места, но најважно од се е дека младите луѓе гледат опции и нивната визија веќе е реалност преку вакви инвестиции со кои сум убеден дека нема да бидат конкурентни само во нашата држава, но во иднина ќе бидат конкурентни и во регионот – рече Бектеши.
Министерот за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Џемаили рече дека државната поддршка на Владата за бизнисот е голем стимул и мотивира многу компании да се развиваат повеќе на меѓународните пазари.
– Тука сме за да ја видиме новата инвестиција направена од релативно новатa компанија која што произведува пластични ќеси, а сега со нова технологија и преработка на пластичен отпад, што е и директен придонес во заштитата на животната средина. Владата им помага на компаниите преку мерките од Планот за економски раст за да растат и да инвестираат. Државната поддршка треба да биде стимул за понатамошен раст на компаниите, а ние како влада ги повикуваме сите компании кои што имаат раст на производството и нови инвестиции да ги користат мерките од Планот за економски раст – посочи Џемаили.
Сопственикот на компанијата „Еуро Блу” Зултан Јусуфи се заблагодари на владата на поддршката за набавка на нови машини за производство.
– Компанијата „Еуро Блу” е основана во ноември 2016 година, а на пазарот сме веќе трета година. Аплициравме за мерките на владата и добивме поддршка за набавка на нови машини за сечење и најважното е машини за рециклирање на пластичен отпад. И благодарам на владата многу за поддршката која ни ја даде и ги повикувам сите млади да се охрабрат и да дејствуваат за да ги постигнат своите цели – рече тој.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи се заблагодари на менаџментот на компанијата за ангажманот и инвестицијата, и на Владата и Министерството за економија за поддршката и мотивирањето на новите бизниси.