Косовската Влада во целост ја укина одлуката за зголемени царини, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.Тој додаде дека одлуката треба да се спроведе од утре, откако претходно косовските власти ќе испратат официјално писмо до нивните царински служби.
– На владината седница на косовската Влада, биле земени предвид аргументите што беа изнесени од македонската страна на петочната средба во Приштина – рече Бектеши.
Тој потсети дека по писмената реакција и по најавата за состанокот во Белград следеше измена во Одлуката од косовска страна, со која што мерката остана да важи за седум производи, и тоа домати, пиперки, јаболка, грозје, круши, сливи и малини.
– Оваа одлука не ни одговараше нам, т.е. на нашите земјоделски производители, бидејќи станува збор за сезонски производи и на нив отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар. Токму тоа му го предочив на министерот Хасани, истакнувајќи ги загубите на бизнис заедницата, кои се на двете страни огромни. Посебно ми е драго што наидов на разбирање од косовската страна и што, нашата средба вроди со плод, па како што ми беше ветено, на првата седница на Влада нашите аргументи беа презентирани и земени предвид – рече Бектеши.
Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство треба да направи проценка за штетите, по што Владата треба да помогне на трговците што претрпеа загуби.
Бектеши јавно се заблагодари за одлуката косовската влада и како што истакна целта е да се обезбеди поголем пазар, не само за македонските, туку за сите компании во регионот.