Судот во Лондон одлучи на шест месеци да му ја одземе возачката дозвола на поранешниот британски фудбалер Дејвид Бекам, бидејќи користел мобилен телефон додека возел.
Бекам признал дека на 21 ноември лани користел мобилен телефон додека го возел својот автомобил „бентли“ по улиците на Лондон.
Славниот фудбалер, како што порано соопштила полицијата, го пријавил граѓанин кој видел маж како користи мобилен телефон додека вози автомобил во западен Лондон.
Бекам е, исто така, казнет и парично со 750 фунти, но добил и нови шест казнени поени во возачката дозвола.
Поранешниот капитен на Англија во јануари лани беше обвинет за пребрзо возење, откако автомобилот „бентли“ позајмен од продавачот за тест возење, го возел со брзина од 95 км на час во зоната каде се дозволени 65 км на час.
Бекам, меѓутоа, поради тоа не бил прекршочно гонет, бидејќи на сопственикот на автомобилот пријавата за прекршок му дошла еден ден по истекувањето на со закон предвидениот рок за тоа од 14 дена.