Бездомник успеал незабележано да влезе во Бакингемската палата и четири часа преспал во дворот на официјалната резиденција на британската кралица, а потоа бил уапсен и осуден на затворска казна од 28 дена.
Судот во Вестминистер соопшти дека инцидентот се случил на 16 јули, а 44-годишниот бездомник Стивен Лоулор откако влегол во кралскиот комплекс, ја откорнал огласната табла од металната решетка и ја искористил како лежај.
Лоулор во Бакингамската палата влегол околу еден часот по полноќ, а бил забележан од страна на обезбедувањето рано наутро во пет часот.
Неговиот адвокат изјавил дека тој само сакал да „поспие“ и дека се извинува за проблемите.
Лоулор ја признал вината пред судот и се извинил за незаконското влегување и нанесената штета.
– Сте знаеле каде влегувате и какви последици може да има тоа во поглед на безбедноста. Претходно сте биле осудени 70 пати, а ова е само уште еден престап во вашата низа – истакнал судијата што го водел процесот.
Лоулор е осуден на 28 дена затвор за незаконско влегување во заштитена област, а доби и 21 ден затвор за нанесената штета во висина од 210 фунти. Двете казни ќе ги издржува истовремено.