Безбедносни служби на САД: Главните закани за САД доаѓаат од Русија, Иран, Северна Кореја и Кина

123

Раководителите на шест американски безбедносно-разузнавачки агенции денескa се сослушуваа пред сенатскиот Комитет за разузнавање во врска со светските закани по безбедноста на САД, каде се истакна дека главните закани за земјата доаѓаат од Русија, Иран, Северна Кореја и Кина.

Шефовите на безбедносните служби, како Федералното биро за истражување (ФБИ), Централната разунавачка агенција (ЦИА) и Директорот на националното разузнавање (ДНИ) одговараа на прашања од сенатори на теми како заканата од Исламска држава, денуклеаризација на Северна Кореја, хакерските напади и влијанието на Кина и руските обиди за повторно мешање во демократските процеси во САД, како и за заканата од климатските промени.

Една од главните поенти ја даде Ден Коутс, директор на ДНИ, кој истакна дека ИД во Сирија претставува голема закана за воените трупи на САД но и за внатрешната безбедност на САД, што е спротивно на тврдењето на претседателот Доналд Трамп дека ИД е поразена.

Слично беше потврдено и за заканата од страна на Иран и Северна Кореја.

– Нашите оценки се дека има мала веројатност Северна Кореја да предаде дел од своето нуклеарно оружје. Иран во моментов не презема развој на нуклеарно оружје значаен за нас за да изготви атомска бомба – изјави Коутс.

Овие искази се, исто така, директно спротивни на тврдењата на Трамп за Северна Кореја и Иран.

Руското влијание во демократските процеси не само во САД, туку и во други земји, исто така, беше еден од главните предмети на сослушувањето.

– Има индиции дека се подготвуваат руски хакерски напади во пресрет на изборната кампања за претседателски избори во 2020 година, но и тоа дека руското мешање е регистрирано во демократските процеси на многу други земји. Тие се приспособуваат и учат на своите грешки – изјави Коутс.

Кристофер Врај, директор на ФБИ, истакна дека Кина претставува закана за економско-индустриските придобивки на САД со активностите на кинеското контраразузнавање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...