БЕГ обвинува дека Топлификација не инвестирала во топловодната мрежа

Од БЕГ ги повикуваат истражните органи, Финансова полиција како и Основното јавно обвинителство да превземат неопходни дејствија со цел да се надоместат штетите нанесени на државата.

151

Преписките и обвинувањата меѓу БЕГ и „Топлификација“ продолжуваат, откако финансовата полиција покрена постапка против ТЕ-ТО.

БЕГ денеска со соопштение до јавноста информира дека во октомври 2018 година поднека кривична пријава против „Топлификација“ и нејзината фирма ќерка „Дистрибуција на топлина“ за нанесување штета на имот на државава во износ од околу 10 милиони евра.

БЕГ обвинува дека „Топлификација“ и нејзината фирма ќерка „Дистрибуција на топлина“ не ги инвестирале парите од пресметаната амортизација на топлинската мрежа во одржување и проширување на мрежата иако имале обврска за тоа според Договорот за користење на дистрибутивната мрежа, склучен во 2000 година помеѓу „Топлификација“ и Агенцијата за приватизација.

„Топлификација, а подоцна и Дистрибуција на топлина ДООЕЛ биле должни средствата пресметани од амортизација на топлинската мрежа, во периодот од 1999 до 2013 година, да ги употребат за инвестиционо одржување и проширување на топлинската мрежа, а средствата кои немало да бидат потрошени за оваа намена требало да бидат дадени на располагање на Агенцијата за приватизација, сега АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје (АДСДП)“, стои во соопштението.

БЕГ тврди дека тоа може да се провери во инвентарната книга на дистрибутивната мрежа.

„Ова е видно од инвентарната книга на дистрибутивната топловодна мрежа, каде се гледа дека во периодот од 1999 година до 2013 година, вредноста на дистрибутивната тополоводна мрежа е намалена за околу 10 милион и евра. Фактот дека парични средства не се пренесени на Агенцијата за приватизација и АДСДП е потврден и од АДСДП кои пријавија побарување во стечајната постапка на Топлификација АД во висина од 9,8 милиони евра , бидејќи како што е наведено во пријавата, Топлификација им го должела наведениот износ поради неисполнување на обврски од Договрот закористење на дистрибутивната топловодна мрежа“, тврди во соопштението БЕГ.

Од БЕГ ги повикуваат истражните органи, Финансова полиција како и Основното јавно обвинителство да превземат неопходни дејствија со цел да се надоместат штетите нанесени на државата.

„Ги охрабруваме истражните органи да испитаат дали инвестицијата на Топлификација АД во компанијата ТЕ-ТО АД е извршена со приноси од казниво дело нанесување штета на имотот на државата, преку неинвестирање во топловодната дистрибутивна мрежа“, констатира во соопштението БЕГ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...