Бајката за деца „Петре и волкот“ во МОБ

447

Една од најпопуларните оркестарски бајки за деца – „Петре и волкот“ од рускиот композитор Сергеј Прокофјев утре ќе биде изведена во Македонската опера и балет. Под диригентство на младиот, но веќе искусен диригент Ангел Спироски, свитата ќе ја изведе реномираниот ансамбл „КонТемпора“, а низ приказната најмладите ќе ги води актерот Дејан Лилиќ, во улога на наратор.

„Петре и волкот“ е музичка бајка во која наратарот ја раскажува приказната, додека оркестарот ја илустрира со различни музички инструменти. Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот. Во „Петре и волкот“ флејтата е птица, обоата е патка, кларинетот е мачка, фаготот е дедото, гудачките инструменти се Петре…

Приказната го следи младиот Петре кој поминува некое време во куќата на својот дедо, која е сместена во шума. Еден ден тој несакајќи ќе ја остави вратата од дворот отворена, и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа бидејќи во шумата живее опасен волк. Петре во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш почнува неговата авантура, обидувајќи се да го фати…

Концертот е во организација на Сојузот на композиторите на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...