Бајден на прв предизборен митинг во трката за претседател на САД

83
ФОТО: EPA / LISA HORNAK

Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, синоќа настапи со својот прв предизборен митинг во Питсбург, Пенсилванија, каде тој е роден.

На изборите, Пенсилванија традиционално ја добиваат републиканците и оваа сојузна држава е од посебна важност за демократите на претстојните претседателски избори во 2020 година.

Бајден, кој досега учествуваше во две претседателски трки, на митингот порача дека ќе се бори за враќање на достоинството на „средната класа“ и зголемување на минималната работна саатница до 15 долари за час во цела Америка. Според него, Пенсилванија е клучна за победата на демократите и нивниот влез во Белата куќа.

Тој се осврна на неколку економски прашања, но без конкретни решенија. Според коментаторите, Бајден се чини нема продлабочена визија и неговата популарност е заснована на општото препознавање како успешен поранешен потпретседател и бел државник со искуство за учество во кампањи.

– Неговото промотивно видео става акцент на расната нетрпеливост и расколот во САД по немилите случувања во Шарлотсвил, како главна причина за отстранувањето на Доналд Трамп од Белата куќа, нема економија, нема конкретни решенија – изјави еден од коментатороте на „Си-Ен-Ен“.

На митингот Бајден упати остри критики до Трамп кој го нарече „лидер на своите избирачи, а не лидер на целата земја“.

Поранешниот потпретседателот не го спомена својот главен соперник во примарната трка – Берни Сандерс, независен претседателски кандидат поддржан од демократите.

Сандерс и Бајден се лидери на сите досегашни анкети за популарност на демократските кандидати со вториот секогаш на прво место.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...