Баша обвинува: Ермал Хоџа ослободен затоа што не сведочел против братот на Рама

Хоџа бил ослободен за „добро однесување“ откако не ја издал соработката со Олси Рама, брат на премиерот Еди Рама.

133

На ослободувањето од понатамошното издржување на затворската казна на Ермал Хоџа, внук на поранешниот диктатор на Албанија Енвер Хоџа, експресно реагираше лидерот на опозициската демократска партија Љуљзим Баша. Пред новинарите тој изјави дека Хоџа бил ослободен за „добро однесување“ откако не ја издал соработката со Олси Рама, брат на премиерот Еди Рама.

– Ермал Хоџа е ослободен за добро однесување зашто не го издаде Олси Рама, кој е гарант за лабораторијата за кокаин откриена во Елбасан. Актуелниот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај и неговиот претходник Симир Тахири имаат докази за вмешаноста на Олси Рама во акцијата „Џибрака“ – обвини Баша.

Ермал Хоџа, внук на поранешниот претседател на Албанија Енвер Хоџа, беше уапсен во јануари 2015 година поради шверц на кокаин од Латинска Америка во Европа, и беше осуден на 10 – годишна затворска казна. Казната му беше намалена за една третина поради согласноста за скратен судски процес а сега е условно ослобден по одлежаните три четвртини, како и врз основа на добро однесување.

Баша на прес конференцијата исто така направи приказ на ситуацијата во земјата, оценувајќи дека Албанија се наоѓа во „состојба на државен удар“.

– Се наоѓаме во ситуација во која криминалци кои треба да бидат во затвор се ослободуваат или кривично не се гонат. Од друга страна сите лиценци и одобренија за градба се дадени на мала група бандити кои се навлезени во се, од асфалтирање на патишта до добивање лиценци за искористување руда. Го имаме Фатмир Џафај за кого е потврдено дека му помогнал на својот брат додека опозицијата обвинуваше за тоа. Џафај е единствен министер за внатрешни работи во историјата на Европа со брат шверцер на дрога. Во аферата на Џафај како осомничен требаше да се земе и Еди Рама, кој треба да одговара за злоупотреба на службената положба. Ние сме во услови на државен удар, каде тој го контролира обвинителство,судовите, полицијата која не ги апси криминалците, смета Баша.

Тој спомена и пратеници и министри кои, според него, се вмешани во криминал а за кои не се превзема никаков чекор од страна на надлежните. Баша посочи дека денес Албанија има корумпирано обвинителство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...