Лидерот на Демократска партија, која ја предводи обединетата албанска опозиција, Љуљзим Баша, на само неколку часа пред вечерашниот протест, ги повика албанските граѓани на што помасовно учество на, како што ја нарече, битката кон сигурна победа.
Тој е со став дека демократите се одлучни да не прават ни еден чекор назад.
„Единството, учеството и одлучноста за да ја однесеме оваа битка во сигурна победа е најгорадата инвестиција за децата, нивната иднина и секој Албанец. Младите луѓе, студенти и професионалци, педагози, уметници, интелектуалци, лекари, медицински сестри и професори, чесни претприемачи и земјоделци, пензионери и невработени, членови на семејството, родители, синови и ќерки на Албанците, добредојдени сте вечерва на народното и граѓанско единство во 19 часот во Тирана. Нема чекор назад! Албанија како Европа“, напиша Баша на Фејсбук.
Со порака на Фејсбук се јави и почесниот лидер на демократите, Сали Бериша, кој покрај фотографија од досегашните протести напиша дека „часот на супергигантот доаѓа“ барајќи заминување на премиерот Еди Рама.
„Часот на супергигантот се приблжува! Рама оди си! Победа!“, напиша Бериша, кој е и поранешен претседател и премиер на Албанија.
Вечерашниот е осми по ред „народен протест“ на обединетата албанска опозиција. Последниот одржан на втори јуни ескалираше со насилство пред Парламентот,кога беа повредени 10 полицајци, еден камерман и неколку поротестанти.
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA