Невладината организација „Оксфам“ открива дека Европската унија се подготвува идната недела да отстрани девет земји од списокот на даночни раеви, меѓу нив и Панама и Бахамите.
Според организацијата, Бахами, Бермуди, Хонг Конг, Кајмански Острови, Панама и уште четири области од црниот список на Европската унија ќе бидат „рехабилитирани“ идната недела на состанокот на министрите за финансии на ЕУ, и покрај тоа што некои од овие места беа во фокусот на огромни скандали во минатите години.
„Во 2015 година, мултинационалните компании префрлиле околу шестотини милијарди долари кон даночните раеви, третина од нив се наоѓаат во самата ЕУ“, обвинува невладината организација.
Имено, Оксфам смета дека Кипар, Ирска, Луксембург, Малта и Холандија би се нашле на црната листа доколку критериумите за даночен рај на ЕУ се применуваа на нејзините земји членки. Невладината обвинува и дека обемот на даночната евазија ги „лишува и богатите и сиромашните земји од важни ресурси за финансирање на неопходни јавни услуги како здравството и образованието“, се наведува во соопштението.
Откако беа вклучени на црната листа на ЕУ, овие земји или области вовеле доволно законски измени за да се квалификуваат за отстранување од списокот, но невладините сметаат дека промените се далеку од доволни и дека овие места остануваат и натаму де факто даночни раеви.
– Критериумите кои ги применува ЕУ се премногу слаби за да ги засегне навистина штетните даночни раеви, ние велиме дека не треба да се гледаат земјите од правна гледна точка, туку од економска, ако видиме дека овие земји продолжуваат да функционираат како даночен рај, треба да останат на црна или на сива листа – вели Јоан Лангдок, експерт по фискални прашања во Оксфам.
Што се однесува до петте земји членки на Унијата, Оксфам објаснува дека нивните фискални стратегии се такви што им овозможуваат на големи мултинационални компании на плаќаат многу ниска даночна стапка, некогаш под пет отсто. Во Ирска, стапката е дури под два отсто, предупредува организацијата.