Напредна сензорска технологија и други полуфабриканти од електрониката ќе се извезуваат од фабриката на швајцарски „Баумер“ што денеска официјално стартуваше со работа во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 во Бунарџик.
Инвестицијата, во првата фаза изнесува 4,7 милиони евра и 150 нови работни места, со можност за вкупно 500 работни места во натамошниот период. Покрај производствениот капацитет, швајцарскиот инвеститор ќе изгради и развоен истражувачки центар во кој ќе се обучуваат млади инженери.
Сопственикот на групацијата Оливер Вице истакна дека нудат вештини за висока технологија, интересни работни места и одлични услови за работа.
– Во првата фаза на изградба компанијата се фокусира на производство и производствен инженеринг. Во следната фаза на проширување се планираат тимови за развој на нови производи составени од инженери за хардвер и софтвер како и специјалисти за ИТ – информираше Вице.
Стартувале со локален тим од искусни професионалци кои во иднина ќе го проширрат со едукација на мотивирани млади инженери и кавлификувани работници.
Во првата фаза на изградба од вкупно 19 илјади метри кавдартни површина, изграден е капацитет од четири илјади метри квадратни од кои 2.500 метри квадратни за производство, а 600 метри кавдартни за развоен центар и администратевиен простор.
Премиерот Зоран Заев, кој заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев присуствуваа на отворањето, истакна дека станува збор за компанија која е синоним за квалитет и висока технологија.
– Моментите кога се собираат плодовите од посветената работа во која сте вложиле многу, се најубавите моменти. Денес имаме таков настан кога ги собираме плодовите од еден успешен заеднички потфат – рече Заев, додавајќи дека искреното пријателство и посветеноста кон високи технологии се вредностите што ги обединуваат Владата и компанијата во оваа соработка.
Според вицепремиерот Анѓушев, добро е што сега се отвораат капацитети со висока технологија за разлика од порано кога во државата имало самотрудоинтензивни капацитети. Потсети дека во изминатите две години се отворени 30-тина фабрики и 54 илјади нови работни места.
– Тоа е начинот како наместо млади луѓе, да извезуваме производи – рече Анѓушев.
„Баумер“ е една од водечките компании за изработка на сензори и сензорски решенија за автоматизација на процеси. Фабриката во Бунарџик е нивен 39-ти капацитет во 20 држави.