Американскиот секретар за правда и државен јавен обвинител, Вилијам Бар на денешното претставување на делумно преработениот извештај на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводното руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, истакна дека истрагата утврдила оти Русија се мешала во изборниот процес, но дека нема индиции оти членови на изборниот штабот на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, соработувале со Москва.
На прес конференцијата во Вашингтон, Бар беше придружуван од неговиот заменик Род Розестајн, но ниту Малер, ниту некој од неговиот тим не учествуваше на настанот.
Бар повтори дека истрагата на Малер не нашла доволно докази оти руски оперативци соработувале со штабот на Трамп или пак дека американски државјани ковале заговор со Русија.
– Малер се фокусирал на 10 епизоди за можна поврзаност на кампањата на Трамп со Русија… но во ниту еден случај немало заговор, укажа Бар.
Според него, главните наоди на извештајот се дека Агенција за интернет истражувања (ИРА) од Санкт Петербург, која е поддржана од Кремљ, водела кампања „за да предизвика раскол меѓу Американците на социјалните мрежи“ и дека оперативци од руската воена разузнавачка служба ГРУ хакирале сервери на институции на Демократската партија и потоа со помош на хакерската група Гуцифер 2.0 и веб – страниците на „Ди-Си Ликс“ и „Викиликс“, податоците биле лиферувани во јавноста.
– Сепак, Малер не најде никакви докази дека некој од кампањата на Трамп соработувал или ковал заговор со Русите или дека некој американски државјанин бил поврзан со објавувањето на овие материјали, укажа Бар.
Бар истакна и дека Белата куќа „целосно соработувала со истрагата“, давајќи непречен пристап до побараните документи.
Неколку часови пред прес-конференцијата на Бар, претседателот Трамп на Твитер објави дека истрагата на Малер е „најголема политичка измама на сите времиња“, која претходно повеќепати ја оцени како „лов на вештерки“.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, американската јавност сега е во исчекување на за денеска планираното предавање на копии на делумно редактираниот извештај до Конгресот, што потоа треба да бидат објавени и на интернет.
Бар нагласи дека извештајот наменет за Конгресот е во преработена верзија, бидејќи во него се изнесуваат доверливи информации кои не смеат да бидат објавени. Претходно, тој укажа дека ќе се обиде да објави што е можно повеќе „во рамките на возможното“.
Во неработните денови, поради Велигден го грегоријанскиот календар, се очекуваат бурни дискусии и нови интерпретации на редактираниот извештајот, кој е на 400 страници и потребно е време да биде прочитан. Демократските опоненти на Трамп чекаат целосно објавување на текстот за јавноста да дознае дали претседателот навистина ја опструирал правдата.
Демократите во Конгресот го обвинија државниот обвинител за планирано „стратегиски и непотребно“ исклучување на секаква информација во заклучокот која може да го компромитира Трамп.
Претседателот на Комисијата за правосудство во Претставничкиот дом, Џеролд Надлер, вчера изјави дека ако претпостави дека извештајот е многу изменет, неговата комисија „најверојатно во многу краток рок“ по судски пат ќе побара да го добие на увид целосниот извештај.
Се очекува Белата куќа денеска попладне по локално време да одржи прес-конференција, на која адвокатите на Трамп треба да објават своевиден „антиизвештај“ во однос на руската вмешаност.
Со ова конечно, по 22-месечната истрага на Малер, ќе бидат ставени на увид деталите за тоа што истражувал специјалниот обвинител за напорите на Москва за мешање во изборите во 2016 година, со цел да се наштети на кампањата на демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон, а во полза на Трамп.