Раст на депозитите од 11,1 отсто, но и на кредитите од 9 отсто, покажуваат податоците на Народната банка објавени во последниот извештај. Според овие податоци трендот на раст на депозитите е забележен и кај домаќинствата и кај компаниите.
Само во март депозитите забалежуваат раст од 0,4 отсто и тоа со поизразит раст кај домаќинства.
На месечно ниво, вкупните депозити кај компаниите во март се повисоки за 0,3 отсто, што е резултат на зголемувањето на долгорочните денарски депозити, краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари.
На годишна основа, депозитите на компаниите растат со 12,1 отсто.
Вкупните депозити на домаќинствата, бележат месечен раст од 0,2 отсто, што се должи на зголемувањето на долгорочните депозити во денари и во странска валута и краткорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пад кај депозитните пари. Стапката на годишен раст на депозитите на домаќинствата изнесува 8,7 отсто и е резултат на порастот кај депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при позитивен придонес и на долгорочните депозити.
Кредитите на компаниите, во март 2019 година, забележаа зголемување на месечна основа од еден отсто. Поголемо учество кон месечниот раст имаат кредитите одобрени во странска валута. На годишно ниво кредитите кај компаниите имаат раст од 8,2 отсто кое во најголем дел се должи на кредитите одобрени во денари.
Во март 2019 година, вкупните кредити на домаќинствата остварија месечно зголемување, исто така, од еден отсто. Анализирано по валута, нагорните месечни и годишни промени во најголем дел произлегуваат од денарските кредити. На годишно ниво растот на кредитите кај домаќинствата е 9,7 отсто.
Според намената на кредитите одобрени на граѓаните, овој месец, најзастапената категорија биле потрошувачките кредити, кои бележат месечен раст од 1,2 отсто и годишен раст од 10,9 отсто. Станбените кредити исто така се зголемени за 1,2 отсто на месечна основа, додека годишната стапка на раст кај оваа компонента e непроменета во однос на претходниот месец и изнесува 13,6 отсто. По негативните стапки во претходниот месец, во март, автомобилските кредити забележале месечно и годишно зголемување од 2,3 отсто и 0,4 отсто.