База на податоци на експертки во Македонија

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на промоцијата на базата на податоци, рече дека многупати сме сведоци на дебати каде сите на масата се мажи и тоа е многу страшно за едно општество.

250

База на податоци на жени експертки денеска беше промовирана во Скопје. Целта на проектот произлегува од потребата експертизата на жените во Република Македонија да биде повидлива, со цел да се намалат изговорите дека кога се потребни луѓе со знаење не можат да се најдат жени. Во оваа база на податоци на едно место ќе можат да се најдат експертки од сите области, без оглед дали им се потребни на здруженија на граѓани, медиуми, политички партии или компании.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на промоцијата на базата на податоци, рече дека многупати сме сведоци на дебати каде сите на масата се мажи и тоа е многу страшно за едно општество.

– Тоа покажува дека ја немате другата страна на сликата, затоа што половина од населението е женско. И многу често кога моето прашање до новинари зошто е тоа така, зошто нема жени експертки во таа област, особено кога се зборува за економија, за пари, многу поретко имаме жени на маса, и затоа мислам оваа иницијатива да се поддржи, и оваа дата база треба да си ја негуваме и да си ја полниме, сите експертки во својата област да ги постават своите биографии таму, за понатаму да немаме изговори зошто за одредени области дискутираат само мажи – рече Царовска.

Истакна дека Македонија како општество, во правилна насока ќе ја води родовата рамноправност и оти заеднички ќе ги водиме дискусиите подеднакво и со мажи и со жени, независно дали станува збор за инфраструктура, или за социјлна заштита, дали станува збор за финансиски средства или за човечки капитал, на двете дебати се потребни подеднакво и мажи и жени.

Тања Томиќ претседателка на Мрежа ИДЕМ рече дека организацијата со поддршка на Symphony Solutions Skopje и хакатонот KindHack со поддршка од македонско-американската Алумни асоцијација, ја активираше базата на податоци на жени експертки.

– Денеска се промовира таа дата база, а нејзина цел е да овозможи наоѓање на сите жени кои имаат експертиза од било која област во државата, бидејќи тоа е често изговор зошто жените не се поканети во дебатни емисии, зошто не се ставени на високи позиции. Целта на базата на податоци е да се промовираат и да се зголеми видливоста на жените кои имаат експертиза во сите области – рече Томиќ.

Посочи дека во моментот базата на податоци е во тест фаза, има само десет поканети жени експертки кои ја имаат пополнето, но таа ќе продолжи да се пополнува и целта е да се допре до што е можно поголем број жени експертки да ја користат базата.

– Базата на податоци се наоѓа на ekspertki.ednakvi.mk и секоја од жените може на едноставен начин да ја пополни, да закачи своја биографија, а едноставен е и начинот на пребарување на експертката од која било област- изјави Томиќ.

Додаде дека ваква слична дата база веќе има во Србија од пред 20 години, а оваа во Македонија е прва наредна не само во земјава, туку и во целиот регион.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...