Бавната администрација сѐ уште проблем за инвеститорите

На инвеститорите од Италија,, вели амбасадорот Карло Ромеро, најмногу им пречи бавната администрација во однос на донесувањето на некои одлуки, но и почитувањето на меѓународните договори.

296

Подобрен е интересот на италијанските бизнисмени за инвестирање во земјава, изјави денеска амбасадорот на Република Италија во земјава, Карло Ромеро пред почетокот на работната средба на министерка без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска со италијанските инвеститори на која беше претставен новиот пакет мерки на Владата, со акцент на поддршката на странските инвестиции.

– По период на стагнација и забавување на одлуките на италијанските инвеститори поради политичката криза во изминатиот период, забележуваме враќање на интересот за инвестирање во Македонија – рече Ромеро.

Министерката Апостолска потврди дека интензивно се преговара со заинтересирани странски компании за инвестирање во земјава меѓу кои и италијански инвеститори.

– Меѓу компаниите има и италијански, главно од областа на медицинската опрема. Има и од други држави. Интензивно се преговара и тоа многу сериозно- рече Апостолска.

Сепак, на инвеститорите, вели амбасадорот Ромеро, најмногу им пречи бавната администрација во однос на донесувањето на некои одлуки, но и почитувањето на меѓународните договори.

– Италијанските инвеститори честопати се соочуваат со тешки административни процедури во скоро сите области, како и со недоволна транспарентност во јавните набавки. Несоодветната инфраструктура и ограничениот пристап до финансии се дополнителни недостатоци. Достапноста и ниската цена на трудот не значи дека работната сила е квалификувана. Спроведувањето на договорите и судскиот систем се други слаби точки- вели Ромеро.

Повеќето италијански инвестиции во Македонија се во традиционалните сектори на хемиската индустрија, обувките, железото и челикот и прехранбената индустрија, но

Во земјава моментално има 130 активни компании со италијански капитал регистрирани во Македонија. Состојбата на италијански СДИ во Македонија достигна 107,6 милиони евра на крајот на 2016 година, додека приливот на италијански СДИ во 2017 година изнесуваше 6,5 милиони евра.

Повеќето италијански инвестиции во Македонија се во традиционалните сектори на хемиската индустрија, обувките, железото и челикот и прехранбената индустрија, но има интерес и за градежништво и конструкции, железниците, проектирањето, обновлива енергија и технологии поврзани со решавање на можности, стратегии и предизвици околу претстојните инфраструктурни и енергетски проекти во Македонија.
Во изминатите 5 години има прилив на италијански инвестиции во автомобилската индустрија како и во обновливата енергија(мали хидроелектрани) и во животната средина (депонија од Скопје).

Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Италија во периодот јануари – февруари 2018 година е 104,72 милиона американски долари. Извозот изнесува 32,75 милиони што е раст од 37,5 отсто, додека увозот достигнал 71,97 милиони долари што претставува зголемување од 39,1 отсто споредено со јануари – февруари 2017 година. Остварен е дефицит од 39,22 милиона американски долари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...