Чешкиот премиер Андреј Бабиш денеска изјави дека никогаш нема да поднесе оставка и ги отфрли повиците на критичарите да се повлече по обвинувањата дека ја попречува истрагата за измама што се води против него.
Притисокот врз Бабиш да поднесе оставка се засили откако беше објавена видео снимка на кој синот на премиерот, Андреј Бабиш Помладиот изјавува дека минатата година по наредба на неговиот татко бил префрлен на Крим, со цел да не биде сослушан од полицијата во рамки на истрагата.
Илјадници Чеси синоќа излегоа на протести во Прага со барање Бабиш да поднесе оставка.
– Јас нема да поднесам оставка, никогаш. Запомнете сите: Никогаш – напиша денеска Бабиш на неговиот профил на Фејсбук.
Опозициските партии побараа изгласување недоверба на Владата на Бабиш, што се очекува да се најде на дневен ред на собраниска седница следниот петок.
Чешката социјалдемократска партија (ЧССД), која е коалициски партнер на Акцијата на незадоволните граѓани (АНО) на Бабиш, соопшти дека размислува да се повлече од Владата, иако според партиски извор многу од пратениците на партијата во Парламентот не ја поддржуваат таа идеја.
Бабиш доби поддршка од претседателот Милош Земан, кој вчера изјави дека очекува ситуацијата да се смири и изјави дека ќе му даде на премиерот уште една шанса да состави влада, доколку Парламентот му изгласа недоверба.
Минатата година полицијата го обвини Бабиш и две негови деца, дека извршиле измама, кога пред десет години ја фалсификувале сопственоста на една од фирмите на Бабиш, за да може таа да добие субвенции од фондовите на ЕУ во висина од два милиони евра.
Милијардерот Бабиш, кој моментно е најпопуларен чешки политичар, негира дека направил прекршок и ги отфрли тврдењата на неговиот син објавени на интернет-страницата „Сезнам“.
Опозициските политичари, вклучувајќи го и лидерот на конзервативната Граѓанска демократска партија (ОДС), Петар Фиала, денеска повторно го повикаа Бабиш да се повлече од функцијата.