Владата на Зоран Заев објави документ наречен „Акциски план за борба против дезинформациите и против напади на демократијата“. Интересен и малку чуден текст. Го прочитав во целост и имам најмалку три многу сериозни забелешки. Инаку, кога се донесуваат вакви документи, слично како и кога се предлагаат законите, многу е важно поимите што се употребуваат да бидат јасно и прецизно дефинирани. На тоа се однесуваат и моите клучни дилеми.
Прво, од планот се разбира дека акцијата ќе се води против лажните вести и против дезинформациите, како и за одбрана од „напади врз демократијата“. Во медиумската заедница, ширум светот, се води жива дебата за тоа што се тоа лажни вести (има многу поделени мислења) и кои се најдобрите начини за справување со нив. Иако би било пожелно да ја слушнеме владината дефиниција на овој поим, еве, да речеме дека тоа, во случајов, е нешто што се подразбира.
Но, како да го разбереме поимот „напади врз демократијата“? Кој тоа ја „напаѓа“ демократијата и како? Дали сите исто мислиме кога зборуваме за „напади врз демократијата“? Кој ќе одлучува кои дејствија во медиумите или на социјалните мрежи ќе се третираат како „напади врз демократијата“? Премиерот? Владата? Новоформираната Акциска група за борба против дезинформации и напади на демократијата? Дали за „напад врз демократијата“ ќе се смета и критиката на власта? Дали само неумерената критика на власта? Дали е „напад врз демократијата“ ако власта неумерено се критикува?
Дополнително, дали ќе има жалбена постапка, во случај ако Акциската група утврди дека е извршен „напад врз демократијата“, а „напаѓачот“ не мисли така? Имено, дали некој ќе смее да го оспори тврдењето дека некоја активност во медиумите или на социјалните мрежи е таков „напад“? Каде да го оспори, кому да се жали? Која ќе биде институцијата што ќе одлучува по жалби? Ќе постои ли можност за судска разрешница на спорот? Што ако Акциската група со тврдењето дека некој извршил „напад врз демократијата“ ги повреди неговата чест и углед? Многу сериозни дилеми…
Второ, владиниот план предвидува формирање нова институција. Тоа е таа Акциска група, во која, како што се вели во планот, „ќе бидат поканети да учествуваат претставници од канцеларијата на Претседателот на Владата на РСМ, Претседателот на РСМ, Собранието на РСМ, Кабинетот на министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, МВР, MO, МНР, Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенција за разузнавање и други, чија задача ќе биде анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против ширење на дезинформациите“. Во ова тело, целосно составено од претставници на извршната власт и од безбедносно-разузнавачките структури, нема ниту еден претставник на независна институција – прашувам, колку е тоа демократски и не е ли токму еден вака замислен состав имено своевиден напад врз демократијата?
Освен тоа, основен постулат на поставеноста на институциите во едно демократско општество, е тие да се ситуираат во системот на поделбата и меѓусебната контрола на властите. Кому ќе одговара Акциската група? На Владата од која потекнува? На премиерот Заев лично? Кому ќе поднесува извештаи и со каква фреквенција? Во крајна линија, активностите ќе имаат и соодветни буџетски импликации. А за секој потрошен денар од буџетот мора да се поднесе сметка. Кому ќе полага отчет Акциската група?
Трето, во планот се вели дека „Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конференции, во согласност со стандардите на новинарската професија“. Кои се тие „јасни критериуми“? Како може да се јасни, ако не се соопштени? Дали е ова најава за некакви ограничуваања на присуството на новинарите на владините настани и прес-конференции? Не дека присуството таму е некој голем келепур, но сепак, дилемата е што воопшто значи ова? Некому ќе биде ускратена акредитација? Кому и зошто? Кој ќе одлучува за тоа и врз основа на што?
Да сe разбереме. Немам ништо против тоа што Владата на Зоран Заев декларира намера да се бори против дезинформациите и лажните вести и многу добро е тоа што Владата конечно решила, како што се вели во планот, „активно да ја поттикнува дискусијата помеѓу медиумите, медиумските здруженија и граѓанскиот сектор, со цел саморегулација, ко-регулација и утврдување на медиумски стандарди за интернет порталите, согласно препораките на Европската комисија и Советот на Европа“. Ма супер е тоа! Јас со години зборувам за потребата за минимална регулација на порталите, кои во сегашната регулатива, за жал, се третираат како не-медиуми. Потребата од одговорно новинарство е неспорна, а долготрајното одбивање на Владата на Заев да воведе елементарна регулација на порталите остави простор на интернет да се појават парамедиуми и фејк новинари, од кои некои се и миленици на власта. Како што можевме да се осведочиме и на прес-конференцијата на која беше соопштен Акцискиот план, но и во други слични прилики.
Потребата од регулација и саморегулација, иако неспорна, сепак, не смее да нѐ одведе во нов облик на правен и политички волунтаризам, кој можеби со право ќе биде оценет како обид за враќање на вербалниот деликт, дело против кое професорот Ѓорге Марјановиќ се бореше уште во раните осумдесетти години (не случајно го спомнувам вербалниот деликт, бидејќи скоро имавме прилика да прочитаме отворени повици тој да се врати, односно да се инкриминира јавно изразената критика на власта, што би било неверојатна лудост).
Никој нема право демократијата да ја третира како своја сопственост, како вредност што само тој има право да ја толкува и да ја брани, обвинувајќи други за „напади врз демократијата“. Никој нема право да создава нови регулативни тела (или акциски, како што е наречено ова новово), со овластувања какви што се предвидени во планот, без да дизајнира ефикасен систем на политичка контрола врз дејствувањето на ваквите тела. Затоа, Владата мора сериозно да го преиспита и да го редизајнира својот план, за да поверуваме во она во што сите би сакале да поверуваме – дека намерите се благородни и чесни.
И уште нешто. Без оглед каква регулација и саморегулација ќе се смисли – мене ми одговара секој концепт, тоа последен пат му го кажав на колегата Чадиковски од ЗНМ – цврсто останувам со мислењето дека еден сегмент на јавното изразување, дури и кога е најрадикален по својата природа и појавност, сепак мора да остане во полето на дерегулацијата. Едно зрело демократско општество мора да покаже способност да го издржи и таквиот начин на изразување (барем во сферата на социјалните мрежи, на кои им е својствена една нужна доза на анархичност). Едно цивилизирано општество мора да демонстрира и сила да издржи и „напади врз демократијата“, дури и тогаш кога ама баш сите до еден ќе се согласиме дека тоа се вистински, а не лажни напади.
За да го сфатиме овој концепт, нека ни помогне американското искуство. Како што знаеме сите, големо зло и непријателски чин е да се запали американското знаме. Но, има судски пресуди во кои сторителите на такви злодела се ослободени со следното образложение – слободата да се запали американското знаме за американската демократија сепак е повредна од самото знаме. Кога ќе ја совладаме оваа лекција, можеби ќе сфатиме дека во име на „одбраната на демократијата“, сепак, не смее да се ограничи слободата на луѓето на јавно изразување.
Решението на контроверзата во секој случај не е формирање некаква акциска група, во која доминираат претставници на владата и на безбедносните и разузнавачките структури, тело кое може да се „повампири“ и да стане првиот македонски официјален цензор. Наместо тоа, мора заеднички, одлучно но сепак толерантно, да работиме на развивање на свесноста за фактот дека слободата носи и одговорност и кон другите луѓе и кон општеството. Убеден сум дека во таа смисла прохибитивниот пристап е погрешен и непродуктивен. Особено во едно пермисивно општество, во кое би требало да биде дозволено сѐ што не е забрането со закон.