РЕК Битола до крајот на годината ќе добие А-интегрирана еколошка дозвола, изјави генералниот директор на Комбинатот, Златко Ќурчиевски.
Според Ќурчиевски, последната фаза до долгоочекуваната дозвола е поврзана со одржувањето на јавната расправа што треба да ја организира Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Оперативниот план е доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање и единственото што го чекаме тоа е одговорот од Министерството за тоа кога ќе се реализира јавната расправа како последен чекор пред добивањето на А-интегрирана еколошка дозвола. Очекуваме до крајот на оваа календарска година да ја добиеме посакуваната А-интегрирана еко-дозвола чиј процес за нејзино добивање почна во 2010 година, но за жал, заради нечија неажурност или несакање тоа досега не беше реализирано – изјави Ќурчиевски.
Од РЕК Битола информираа дека за време на зимската сезона производството на електрична енергија ќе се врши со трите блока за што има доволни резерви јаглен.
– Комбинатот е подготвен за претстојната сезона, и тоа изразено во проценти изнесува 90 проценти затоа што во тек е капиталниот ремонт на Втор блок, кој треба да заврши на 30 ноември. Веднаш потоа ќе ги вклучиме трите блока со цел да ги задоволиме потребите на државниот електро-енергетски систем. На депонија во овој момент има резерви од околу 200.000 тони јаглен, а очекуваме резервите да стигнат до 300.000 тони јаглен и тоа во целост ги задоволува потребите на Комбинатот за зимската сезона – потврди првиот човек на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.