Атина најави економски мерки за справување со последиците од пожарот

110

Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос најави дека во рамките на планот за справување со последиците од пожарот, владинито Кабинет подготвува нови пакет мерки за сите настрадани, јави дописничката на МИА од Атина.

По регистрацијата на материјалните штети од Министерството за инфраструктура и транспорт, семејствата или физичките лица ќе добијат еднократна итна помош во висина од 5.000 евра, додека пак за семејствата со три или повеќе деца, овој износ ќе биде 6.000 евра. За погодените фирми, помошта е 8.000 евра.

За оние кои ќе останат без работа поради уништената компанија во која работеле, предвиден е надомест, додаток за невработеност, во висина од 650 евра, а вонредна помош во висина на две месечни пензии ќе добијат пензионерите зафатени од пожарот.

Предвидена е и финансиска помош и поддршка на семејствата на жртвите. Оние кои загубиле сопруг или сопруга во пожарот ќе добијат помош во висина од 10.000 евра. Малолетните деца на загинатите ќе добиваат месечен надомест од 1.000 евра се до нивното полнолетство, а доколку се полнолетни се до 24-годишна возраст.

Дополнително, владиниот портпарол соопшти и низа даночни олеснувања за граѓаните од населбите зафатени од пожарот.

За погодените општини, одвоени се два милиони евра што можат да се искористат за неопходните и итни потреби, како на пример ангажирање привремен персонал, снабдување со лекови, храна и итна и брза поправка на основните штети на инфраструктурата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...