Атанасов: Не објавуваме имиња на продавници, туку која храна е небезбедна

Атанасов е дециден дека АХВ е законски должна да ја информира јавноста, а и така постапува, само во случај кога ќе утврди евентуално присуство на храна несоодветна во однос на безбедноста и штетна по здравјето на луѓето.

424

Не е пракса на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да објавува што и каде е дистрибуирано се додека тоа не претставува опасност по здравјето на граѓаните, рече денеска директорот Зоран Атанасов, одговорајќи на новинарски прашања во врска со последниот Извештај на Институтот за јавно здравје и утврдените количества тешки метали во некои прехранбени производи.

Атанасов е дециден дека АХВ е законски должна да ја информира јавноста, а и така постапува, само во случај кога ќе утврди евентуално присуство на храна несоодветна во однос на безбедноста и штетна по здравјето на луѓето.

– Дали и во која продавница што е затекнато и досега не беше практика на Агенцијата за храна и ветеринарство да објавува ако не претставува опасност по здравјето на граѓаните. Во системот има следливост и ако не се повлече целото количество за кое е утврдено дека е несоодветна и штетна по здравјето на луѓето, тогаш сме должни до јавноста да соопштиме дека е присутно такво количество и да наведеме каде се е дистрибуирана. Тоа го предвидува Законот – рече Атанасов на прес-конференција во Владата.

Потенцира и дека АХВ врши редовни контроли.

– Не знам зошто Извештајот од 2017-та е доставен сега, кога сме 2019 година – истакна Атанасов, напоменувајќи дека на ниту една пратка од сомнителните што биле увезни, како јаготките, не и бил дозволен влез и се уништени.

Минатата година, потсети директорот, АХВ на прес-конференција соопшти дека во одредени региони се пронајдени тешки метали во црниот дроб на дивите свињи. Притоа конкретно беа посочени и подрачјата.

– Во соработка со Катедрата за хемија на ПМФ, изработивме посебен дел и Програмата ја насочивме во тие региони, за почесто да земаме мостри за да го видиме присустувото на тие тешки метали, да изградиме карта и да имаме сознанија што се случува, иако во ЕУ тоа е поинаку регулирано – објасни Атанасов, дополнувајќи дека велешкиот регион е познат по кадмиум и олово, а една мостра имало и во регионот на Струмица.

АХВ минатата година доби драстично зголемени средства за здравствена заштита на животните и за безбедност на храната, сума која, рече директорот, е преточена и оваа година.

-Лани имавме затекнати обврски од 100 милиони денари, а оваа година тоа не е случај, имаме само тековни фактури од претходниот месец. Лани воведовме и нови програми, испитување на микробна резистенција и кај добиточна и кај храна за луѓе, како и програма за посебни физичко-хемиски и биолошки опасности во храната. Се испитуваат сите додатоци, адитиви, бои, се што може да е евентуална опасност за здравјето на луѓето – подвлече Атанасов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...