Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Економски факултет Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” потпишаа меморандум за соработка, со цел заеднички да придонесуваат кон развојот на е-трговијата и развивањето на способностите, дигиталната писменост и градењето капацитети во секторот за е-трговија во Република Македонија.
Меморандумот за соработка, како што навеудваат во соопштението од Асоцијатацијата, го потпишаа претседатот на АЕТМ Нина Ангеловска и деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Љубомир Дракулевски.
-Овој меморандум ми претставува посебно задоволство и чест. Едно, затоа што јас лично се градев тука за време на додиполмските и магистерските студии, а потоа и дадов придонес кон науката со мојот докторски труд во полето на е-трговијата. А второ, затоа што едукацијата е клучна за нашата земја и особено за дигитализацијата. Еден од главните предизвици е токму ниската дигитална писменост на населението на кое можеме да работиме заедно со Економскиот факултет – вели Ангеловска.
Потписниците на Меморандумот, соработката ќе ја остваруват преку споделување релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонесуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релвантни за областа на дејствување и соодветната целна група.
-Работата на Асоцијацијата за Е-трговија е од особено значење за развојот на електронската трговија во македонската економија како помеѓу крајните корисници, така и помеѓу компаниите. Има уште многу работи на кои може да се работи и да се унапредуваат. Економскиот факултет при Универитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје е пионер во едукацијата и развојот на оваа научна област во Република Македонија и оваа соработка со Асоцијацијата за Е-Трговија е од особено значење за понатамошниот развој и унапредување на состојбите во оваа област – изјави Дракулевски.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија продолжува да ја зголемува соработката со високо- образовните институции, со цел да ја зголеми вклученоста на професорите, а особено студентите во растот и развојот на е-трговијата. Едукацијата е клучен елемент за новокреираната индустрија. Од особена важност е вклучувањето на студентите како носечка алка, во забрзување на развојот на е-трговијата и да придонесе кон поголеми знаења од оваа област како интегрален дел од процесот на дигитализацијата.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се стреми кон инклузивна е-трговија, а преку потпишување низа меморандуми со засегнатите страни од областа, има за цел да креира иднина за раст на е-трговијата и успех во рамките на Република Македонија.