Асиа Биби ќе добие помош и од Италија

96

Италијанската Влада соопшти дека ќе и помогне на пакистанската христијанка и нејзиното семејство да ја напуштат земјата откако таа неодамна беше ослободена од обвинение за богохулење.

Асиа Биби, неписмена мајка на пет деца, беше во затвор осум години откако беше осудена на смрт поради навреда на исламскиот пророк. Пакистанскиот Врховен суд неодамна ја ослободи Асиа што предизвика големи протести што ги организираа тврдокорни исламистички групи кои бараат нејзино јавно ликвидирање.

Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека е подготвено да спроведе секаква одлука на Владата за да и се помогне на Биби.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Матео Салвини изјави дека ќе направи „сè што е човечки можно“ за да обезбеди сигурност на Биби во неговата земја или во други европски земји. И други западни земји му понудија азил на семејството Биби, но сите се многу внимателни затоа што стравуваат од реакции против нивните дипломати во Пакистан.

Биби, 51-годишна жена земјоделец, беше обвинета за богохулење по несогласување со нејзини колеги муслимански работници околу вода за пиење. Биби наводно го навредила пророкот Мухамед откако нејзините колеги, со кои берела бобинки, одбиле да пијат од водата што таа ја носела,  тврдејќи дека е валкана затоа што е христијанка. Тие потоа ја обвинија дека го навредила пророкот Мухамед, обвинение кое таа го негираше. Но, сепак, во 2010 година  Биби беше обвинета и осудена на смрт.

Нејзиниот случај предизвика големо внимание во западните земји, па дури и папата Бенедикт Шеснаесетти повика за нејзино ослободување.

По нејзиното ослободување, екстремните религиозни групи побараа смрт за тројца судии на Врховниот суд кои ја ослободија. Тие, исто така, повикаа на воен револт против началикот на армијата генерал Камар Џавед Баџва.

Јавниот живот во Пакистан минатата недела беше блокиран поради протестите на исламистичките групи против одлуката на Врховниот суд за ослободување на Биби. Училиштата, канцелариите и продавницата беа затворени неколку дена, а демонстрантите ги блокираа магистралните патишта и железничките линии во поголемите градови.

Засега не успеваат напорите на Владата да преговара за смирување на ситуацијата со лидерите на екстристичката исламистичка партија Техрик-и-лабаик, која ги организира протестите.

Лидерот на Техрик-и-лабаик Хадим Ризви потврди дека разговорите со Владата не успеале, и се закани дека протестите ќе продолжат.

– Нема да запреме со протестите, освен ако судиите кои ја укинаа смртната казна не бидат отпуштени, а Биби обесена, изјави Ризви минатата недела во источниот град Лахоре.

Се смета дека Биби моментално е засолнета на непозната, но безбедна локација во Пакистан.

Сопругот на Биби, Ашик Масих, побара азил од Велика Британија, а побара помош и од Канада и САД.

Во меѓувреме, адвокатот кој ја застапува Биби, Саиф-ул-Мулук, истакна дека стравува за својот живот и побара азил од Холандија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...