Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, поднесе жалба до властите на Еквадор со која бара подобар пристап до каналите за комуникација додека престојува во Еквадорската амбасада во Лондон, соопшти неговиот адвокат на прес-конференција.
Еквадор овој месец делумно му овозможи на Асанж пристап до Интернет, откако комуникацијата со надворешниот свет му беше прекината во март.
Владата на Еквадор тогаш соопшти дека таа одлука е донесена бидејќи тој на социјалните мрежи пишувал за прашања кои би можеле да им нанесат штета на дипломатските односи на земјата, како оние за кризата во односите помеѓу Лондон и Москва и за сепаратизмот во Каталонија.
Еквадорските медиуми претходно јавија дека на основачот на Викиликс му било наредено да не објавува постови за теми кои би можеле да ги загрозат дипломатските интереси на Еквадор.
Асанж со статус на азилант се наоѓа во просториите на еквадорската Амбасада веќe шест години, каде најде засолниште откако британски суд наложи дa биде испорачан во Шведска, каде беше обвинет за сексуален напад.