Археолошкиот музеј подготвен за изложбата „100 години Требениште“

738

Ексклузивната изложба „100 години Требениште“ по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија ќе ја отвори наскоро. Датумот на отворањето и времетраењето на изложбата ќе ги соопшти официјално оваа недела.

На изложбата ќе бидат претставени златните маски од 6 век п.н.е.  и други предмети најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и Бугарија.

Според првичната најава, отворањето на изложбата беше планирано за ноември. Директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев за МИА вели дека одложувањето е поради комплексноста на проектот.

– Ноември 2018 година беше даден како работен термин за отварањето, сепак, процесот на подготовката на оваа изложба, кој е исклучително комплексен, особено подготовката на каталогот и научните трудови и, секако, административно-правните процедури кои се неопходни при ваквите меѓународни соработки, наметнаа потреба од ревизија на овој термин. Следејќи ја високата професионалност поставена од самиот почеток на подготовките на изложбата и во интерес на квалитетот на презентацијата, сите партнери во реализацијата едногласно се согласија за поместување на терминот на отворањето – изјави Санев.

Изложбата „100 години Требениште“ е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народен музеј од Белград, Националниот археолошки институт и Музеј од Софија и Завод и Музеј Охрид. Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид.  На изложбата ќе бидат претставени околу 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...