Mора со храбри одлуки и решителни чекори да се кршат стереотипите според кои жените се помалку вредни и значајни. За секоја позиција, главен критериум да не биде родот, туку да се инсистира на меритократија и квалитет, рече Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на седница на бордот на Глобалниот комитет на жени лидери што се одржа во Истанбул, Турција.
– Удираме силно по стереотипите и ги кршиме на ситни парчиња. Глобалниот комитет на 12 жени лидери има македонски претставник со што докажуваме дека малите земји, кои се во развој, не се незначајни во глобалните текови. Успеавме со професионални постигнувања кои никој не може да ги оспори, да се позиционираме и пред претставници на големите и силни економии, кои имаат поголема финансиска и политичка поддршка. Ова е мотив за новите генерации, да стекнат свест и храброст да придонесат за глобални промени и целиот свет да го препознае тоа – рече Арсовска.
Според неа, и покрај тоа што прашањето за еднакви можности е ставено на агендите на владите низ светот, сепак предизвикот останува главно нерешен, а напредок во последните децении на светско ниво е ограничен.
Таа смета дека квотите кои постојат во јавниот сектор се доказ дека доколку институционално не се наметне овозможувањето на еднакви услови за напредување, тогаш жените тешко дека ќе постигнат еднаков третман.
На седницата Свати Мандела, претседател на бордот на Глобалниот комитет на жени лидери истакна дека предизвикот за зајакнување на светската економија е во што поголемо учество на жените на пазарот на труд.
– Како жени треба да почнеме да се поддржуваме и да овозможиме секоја жена која тоа го заслужува, да го добие своето место во општеството. Кога ја отпочнав својата мисија, моето лично искуство беше во доменот на политика, но не и во претприемништво за што ми беше потребен ментор. Владите треба да им овозможат на жените претприемачи, поддршка, а тоа често е декларативно, потребни се конкретни чекори – рече Мандела
На седницата на Бордот се дискутираше за предизвиците на денешницата со конкретен стратешки план за делување во следните две години.
Во рамки на официјалната посета на Истанбул, Арсовска е и панелист на Глобалниот самит на жени лидери, каде што на високо ниво се присутни повеќе од 500 еминентни личности од политиката, економијата и науката на светско ниво.
Арсовска е член на бордот, како резултат на интернационалните достигнивања и функција во највисоката позиција во раководството на Светска коморска федерација WCF, која раководи со над 12.000 стопански комори глобално, како една од 3 жени во светот.