Се што беше планирано за 2020 година ќе биде во фаза на застој поради предвремените парламентарни избори, оцени денеска претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска.
– Вчера Народната банка го проектира растот на 3,5 проценти, нешто што не знаеме колку е остварливо до крајот на годината, земајќи предвид дека веќе е отпочната кампањата на политичките партии за предвремените парламентарни избори. Со најавата на изборите компаниите почнаа резервирано да гледаат на проектите кои ги имаа планирано за следната година, а и се што беше планирано за првите шест месеци од 2020 година ќе биде во фаза на застој поради фактот што ќе бидеме во очекување за формирање нова влада – изјави Арсовска
Таа нагласи дека не очекува да се постигне раст од 3,5 проценти и покрај оптимистичките прогнози на НБ за раст на БДП на земјава од 3,8 проценти во 2020 година.
– Сите проекти, а особено оние кои беа подолгорочни веќе се во застој. Треба да почекаме, но не верувам дека ќе има нешто позначајно до третиот квартал на 2020 година – рече Арсовска.
За последното зголемување на минималната плата рече дека не е добро.
– Се што е вештачки наментнато не е добро. Фирмите да биле доволно ликвидни и да имале доволно големи профити во моментот кога се соочуваме со недостиг на квалификувана работна сила самите ќе поделеа повисоки плати на вработените од моменталната минимална плата – рече Арсовска.