Арсовска: Добро е да има инфраструктурни проекти, ама да не се задолжуваме многу

Во овој момент знаеме на која граница е задолжувањето на земјава и не веруваме дека дополнителни задолжувања би требало да бидат нешто кон кое што ќе целиме

315

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска смета дека деловната зедница треба да има повеќе информации за конкретните капитални инфраструктурни проекти и за изворите за нивно финасирање, за да ја коментира најавата на преиерот Зоран Заев дека ќе следи нови инвестициски циклус од пет милијарди евра.

– Да се има капитални инфраструктурни проекти е од големо значење за граѓаните и за деловната заедница, бидејќи секоја од компаниите ќе може да биде вклучена во нив и да даде свој придонес. Тоа секако влева и дополнителни свежи средства во економијата и ќе ја зголеми потрошувачката, меѓутоа првично треба да ги знаеме изворите на парите и кои се конкретните проекти за кои се планираат да се потрошат планираните средства за да можеме да дадеме мислење и подетално да го образложиме – рече Арсовска во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во ССК.

Таа посочи дека треба да се внимава со натамошното задолжување на земјава.

– Во овој момент знаеме на која граница е задолжувањето на земјава и не веруваме дека дополнителни задолжувања би требало да бидат нешто кон кое што ќе целиме. Тоа е одговорност на Владата. Ние како деловна заедница не можеме да влијаеме и единствено можеме да го кажеме своето мислење – нагласи Арсовска.

Премиерот Заев вчера со видео порака на својот фејсбук профил, го најави претстојниот инвестициски циклус од околу пет милијарди евра.

„Една милијарда во патишта, една милијарда во железница, една милијарда во енергетика, нов Клинички центар, инвестиции во земјоделството и руралниот развој, нови пречистителни станици, регионални фабрики за прибирање и обработка на отпад, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки… Градиме реални проекти за реални потреби на сите граѓани. Нашата држава е на добар пат“, напиша Заев во пораката на Фејсбук.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...