Доколку националните законодавства не се хармонизираат со глобалните правила и практики, ќе заостануваме на полето на економијата, бидејќи брзите промени на закони и неконсултирањето на релевантните засегнати страни т.е деловната заедница, секогаш ќе резултираат со несигурност во инвестициите и зголемена можност за спорови при имплементација, изјавила претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска на состанок во Светска банка во Вашингтон, соопштија од ССК.
– Затоа и во Република Македонија потребно е да се посвети кон креирање на квалитетни и одржливи законски решенија кои ќе ги отстранат сомнежите кај инвеститорите дека РМ е несигурна и нестабилна за инвестирање на домашен или странски капитал – рекла Арсовска.
Таа дополнила дека доколку легислативата биде хармонизирана со најдобрите светски практики минимална ќе биде можноста за трговски спорови со што се подобрува позицијата на Република Македонија за привлекување странски инвеститори, но и за зголемување на бројот на домашните инвестиции.
Арсовска учествувала и на трансатлантската безбедносна иницијатива на трибина на Атлантскиот Совет на тема „Од Пентагон: Улога на жените во националната безбедност” која се фокусира на многу од стратешките предизвици со кои се соочуваат САД и нејзините сојузници.
Настанот го отворија жени лидери од областа како Кетлин Мекинис која како експерт работеше со фокус на НАТО во кабинет на Секретарот за одбрана на САД, како и Кристин Е. Вормут која беше Подсекретар за одбрана задолжен за политики во Министерството за одбрана на САД.
Предвидено е Арсовска да оствари средби со инвеститори и претставници на стопанските комори од САД.