Вредна екипа од 11 музичари веќе полни 6 месеци се зафати со сериозен проект да даде нов поглед кон творештвото на една од најголемите и најзначајните групи воопшто во историјата на музиката, култните Pink Floyd.
Човекот од кој потекна основната идеја, гитаристот Анатолиј Арнаудоски вели дека полни 15 години во него зреела желбата да го оствари овој проект.
– Самата идеја трае повеќе од 15 години, а меѓу сите музичари, мислам дека глобално во цел свет постои едно култно обожување, не само кон самата музика на Pink Floyd, туку кон техничкиот дел, односно свирењето. Беше предизвик и долго време ни требаше да се одлучиме на овој чекор, бидејќи сега самото време и самата технологија ни овозможува технички да се изведат повеќе аспекти, како визуелниот, така и аудио аспектот. Можеби најголем проблем беше да се најдат музичари ентузијасти, кои сето тоа ќе го прават од срце. Ние музичарите се познаваме и гледано од оваа дистанца мислам дека ги најдов вистинските луѓе за овој проект. Со пробите започнавме од Нова година и отприлика некаде до месец февруари јас знаев дека ги најдов вистинските луѓе за овој проект – истакна Арнаудоски за емисијата „Радио Корнер“ на охридското Супер радио.
Според него, музиката на Pink Floyd е безвренска и фасцинантна.
– Ако се ставиме во улога на Roger Waters кога го подготвувал албумот „The Wall“, целиот овој притисок кој сите го чувствуваме од социјален, па и од сите други аспекти, како е тоа претставено на самиот албум? Нели, она мало розево човече кога на крај сите цигли паѓаат, тој станува нов хуманоид. Така да после се` она што ни се случува изминативе години, ние ова го доживуваме како некој врв, како една наша сатисфакција, со огромна почит кон неповторливите Pink Floyd – истакнува Арнаудоски и додава дека NUMB – Tribute to Pink Floyd не е проект кој ќе живее само во нашите граници и дека интенцијата е тој да заживее и надвор од нив.
Зад проектот стои екипа од 11 музичари, кои се веќе добро познати во јавноста. Во проектот Арнаудоски свири гитара, а во екипата се и: Димитри Алчев (гитара и вокал), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (синтисајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали.
Премиерата е закажана за 26-ти јули на сцената „Долни сарај“ во Охрид. Билетите се во продажба преку продажната мрежа на купи карти за се` и во сите „Тамаро“ маркети во Охрид и Струга.