Шефицата на Канцеларијата на Европската унија (ЕУ) во Косово Наталија Апостолова изјави дека пораката што ќе ја пренесе еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за време на денешните средби во Приштина е јасна: таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина треба да се укине.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Апостолова изјавата ја даде на средба со пратениците Срби во косовското Собрание, кои од вчера престојуваат во просториите на пратеничката група на Српската листа (СЛ), во очекување на средба со Хан.
Според Апостолова, таксата од 100 отсто што ја воведе Владата на Рамуш Харадинај на увозот на производи од Србија и БиХ, нанесува штета на Косово кое претседава со ЦЕФТА и ги крши меѓународните закони за трговија.
Еврокомесарот Хан се очекува да допатува попладнево во Приштина, на средби со претседтелот Хашим Тачи, претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Рамуш Хардинај, како и со лидери на опозициските партии, меѓу кои и со пратениците на СЛ, која од воведувањето на таксата, иако учествува во Владата на Харадинај, најави дека ќе делува опозициски.
ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET