Апостолова: Визите за Косово да се укинат што поскоро

138

Шефицата на канцеларијата на Европската унија во Косово, Наталија Апостолова се заложи денеска за што поскорешна визна либерализација за косовските граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.

По објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Косово во приближувањето кон ЕУ, Апостолова изјави дека во него се нагласува оти сите критериуми се исполнети и Комисијата и Европскиот парламент препорачуваат визната либерализација за Косово да се случи што е можно поскоро.

– Мислам дека ова е најсилниот јазик што сме го виделе до сега во еден извештај кој ги поттикнува државите членки да донесат одлука што поскоро – изјави Апостолова.

Во делот за политичките критериуми, во извештајот се вели дека Косово забележало напредок во спроведувањето на главните реформи поврзани со ЕУ, посебно во врска со подобрувањето на правната рамка на полето на владеењето на правото и јавната администрација.

Говорејќи за негативните забелешки во извештајот, претставничката на ЕУ во Приштина рече дека е разочарувачко именувањето на воени злосторници на високи позиции, а се заложи и за укинување на таксата од 100 отсто на српскиот увоз.

– Функционирањето на Собранието се минира од доцнењето во законодавните активности поради немање кворум. Често одлуките на Владата не се ни на линија со него. Таксата од 100 проценти не е од полза и се надеваме дека наскоро ќе се надмине. Именувањето воени злосторници на високи позиции е разочарувачко и против европските вредности. Во образованието се потребни големи политички заложби. Што се однесува до животната средина, гледаме дека е потребно поголемо залагање на косовските институции и многу посериозна работа – рече Апостолова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...