Албанскиот претседател Илир Мета повторно упати апел до политичките партии за надминување на длабоката политичка криза во која земјата се наоѓа повеќе месеци.
При тоа додава дека сите треба да сфатат оти не се чекори по две спротивни патеки кои никогаш не се среќаваат една со друга бидејќи постои опасност и „на есен да заостане земјата во интегративниот процес“.
– Пред нас претстои важен датум за иднината на земјата, 17-18 октомври, кога Советот на Европската унија ќе донесе одлука за преговорите, затоа двете главни политички партии треба да им овозможат на албанските граѓани да излезат на тројните избори, локалната власт, централната власт и изборот на претседател на државата на 13-ти октомври и правото на глас да го остварат на мирен, цивилизиран и демократски начин – напиша Мета на фејсбук.
Претседателот Мета го затвора својот пост со силен повик да се одважат сега, зашто по 19 октомври, ќе биде предоцна.
– Сега е време, на 19 октомври ќе биде многу доцна!-напиша Мета.
Повикот на Мета следува откако не ги потпиша и му врати три закони на премиерот Еди Рама, а вчера го обвини дека две години го попречува функционирањето на новите правосудни институции и Уставниот суд. Тој уште предупреди дека ќе има и други причини поради кои „ правосудните реформи станале Рамаформи“.