Апелот на францускиот претседател Емануел Макрон, објавен во публикации во 28 земји за посилна Европска унија, доби поддршка во соседната Белгија и во Финска.
Финскиот премиер Јуха Сипила денеска преку Твитер му понуди поддршка на Макрон за повикот за „поголема безбедност, одржлив раст и амбициозна климатска политика”.
Сипила додаде дека луѓето „треба да увидат дека ЕУ е во состојба да донесува одлуки и да ги спроведува”.
Белгискиот премиер Чарлс Мишел изјави дека особено се надева на „Европа, која ја штити слободата и демократијата”.
Во Франција, каде популарноста на Макрон се намалува, реакциите, сепак, беа скептични.
Надине Морано од опозициските републиканци изјави дека „во таа колумна зборот Франција се појави само еднаш. Тоа е макронизмот – Франција исчезнува во европскиот федерализам“.
Германската министерка за правда Катарина Барлеј денеска му изрази благодарност на Макрон за неговиот план за „европска ренесанса”, додавајќи дека Европа треба да биде обединета и да стане посилна.
– Почитуван Емануел Макрон, ви благодарам за иницијативата! Ние Европејците сега мора да се собереме и заедно да ја направиме Европа посилна – напиша на Твитер Барлеј, водечки кандидат на социјалдемократите на европските избори во мај.
ФОТО: EPA / Juan Ignacio Roncoroni