Апели во Косово да не се слави Нова година, „не е исламски празник“

658

Поранешниот пратеник во Собранието на Косово од партијата „Фјала“ („Збор“) Гзим Келменди ги повика Косовсците да не ја слават Нова година, бидејќи, како што вели, тоа „не е исламски празник“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Келменди преку објава на својата страница на Фејсбук упати критики до косовските градоначалници за тоа што ги украсиле плоштадите и улиците на нивните градови.

Тој им порача на политичарите на локално и централно ниво да си ја слават Нова година во нивните домови, а не, како што вели, „со парите на граѓаните на Косово, кои се 96 проценти муслимани“.

– Со кое право на муслиманските деца им ги носите дедо мразовците и новогодишните подароци во училишта. Со кое право со парите на муслиманскиот народ (96 проценти) ги китите градовите за Нова година. Нова година не е исламски празник, напиша Келменди.

Поранешниот пратеник на исламистичката „Фјала“ наведе дека, „не само што не се почитуваат косовските муслимани, туку се крши и секуларноста на државата во училиштата и институциите“.

– Во Косово со векови постои меѓуверски соживот и толеранција, но тоа не значи дека вие на косовските муслимани треба да им ги злоупотребувате парите, да ги украсувате градовите и да им праќате дедо мразовци по куќите и училиштата во име на Нова година, пишува Келменди.

Партијата на Келменди, освен што на славењето на Нова година, се спротивставува и на „Парадата на гордоста“ на косовската ЛГБТИ заедница. По повод двете паради, одржани оваа и минатата година во Приштина, „Фјала“ организира протести, на кои се одзваа мошне мал број граѓани и на кои не беа забележани никакви инциденти.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...