Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека е остварлив планираниот економски раст од 3,2 отсто за годинава и покрај прогнозите на Светска банка дека тој ќе достигне 2,9 отсто, а очекувањата, како што вели, ги темели на реалните факти од првиот квартал.
Во коментар на вчерашните прогнози на СБ, Анѓушев денеска изјави дека очекува раст на БДП во првиот квартал годинава повисок од проектираниот просечен раст на Владата за цела година
– Добро е што Светска банка е секогаш конзервативна. СБ и за 2018 година предвидуваше раст под 2,5 отсто, но тој заврши со 2,7отсто. Нашите планови и согледувања се дека тоа што го планиравме ќе го оствариме и мислиме дека ќе биде уште подобро. Тоа го базираме на реалните факти од првиот квартал- изјави денеска Анѓушев.
Според него, индустриското производство, земјоделството и градежништвото, што се основни три столба за генерирање на домашниот бруто производ во државата, се развиваат и подобро од планираното. Индустриското производство во првиот квартал има приближен раст од девет проценти, во јануари годинава во однос на јануари лани се зголеми за 12 проценти, во февруари за 7,3 отсто, а истиот тренд се задржува и во март. Градежништвото само во рамки на Јавното претпријатие за државни патишта во првиот квартал лани имало реализација од 850 милиони денари, а годинава имаме 300 проценти раст, или околу 2,8 милијарди денари во истиот период.
– Очекуваме дека и во рамки на градежништвото ќе има раст, земјоделството е исто така во слична состојба и веќе кога имаме реални конкретни бројки за раст на основните три столба тоа ни дава за право да очекуваме дека и растот на БДП во првиот квартал годинава ќе биде повисок од просечниот што го очекуваме за цела 2019 година – рече Анѓушев.