Првиот чекор за да бидете успешен бизнисмен е да сакате нешто да направите, а откако тоа ќе го посакате почнува процесот на создавање. Треба само да се охрабрите и да почнете сопствен бизнис, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на информативна сесија за можности за започнување на сопствен бизнис и поддршка на мали и средни претријатија, старт-ап и спин-оф компании во Иновативниот центар на Факултетот за електротехника и информатички технологии во Скопје.
Тој посочи дека Македонија можеби нуди најмногу економски мерки како да им помогне на младите во регионот и додаде дека се нуди можност за добивање 5.000 евра за отворање фирма, а ако се отвора со двајца партнери 10.000 евра, како и 17.000 евра за самовработување доколку лицето е до 29 годишна возраст. Покрај тоа, достапни се средства што се нудат преку Фондот за иновации и технолошки развој и бесплатен простор за работа преку акцелератори во кои може да се добие обука како се води фирма. Парите се добиваат квартално после прикажан резултат.
– Успешните бизнис приказни тргнуваат од базични идеи, а најголемите компании на денешницата потекнуваат од идеја и храборост да се реализира. Амазон, ЕПЛ, Фејсбук се стартапи од пред десетина години, а сега се најголеми компании во светот – рече Анѓушев.
Им порача на студентите да сонуваат големи соништа.
– Не треба да се плашите од ризици. Кој сонува голем сон има шанса да успее, а кој не сонува нема никогаш да успее. Не постои стопанство без ризик, но треба да бидете подготвени да преземете ризик. Идејата и храбороста треба да ве водат. Нема стопанственик што не донел лоша одлука, дури и Стив Џобс двапати банкротирал пред да го реализира совојот сон и да ја создаде најуспешната компанија. Верувајте во успехот и на крај ќе дојде резултатот. Ќе бидете успешни ако носите повеќе добри од лоши одлуки. Ако не успеете во бизнисот секогаш можете да се вработите на некое друго место – рече Анѓушев.
Нагласи дека согласно светската статистика од 10 идеи успеваат само две, но тие ги враќаат средствата за сите останати и носат дополнителен профит. Посочи дека најпознатите светски концерни на денешницата пред 100 до 150 години биле мали семејни фирми и додаде дека Македонија токму сега е на почетокот на создавањето семејни фирми.
Деканот на Машински факултет проф. д-р Дарко Данев потенцира дека уште пред 21 година на факултетот бил воведен предметот претприемништво, а неговиот колега од ФИНКИ проф. д-р Иван Чорбев рече дека на техничкиот кампус одамна се дава акцент на практичните знаења. Уште од формирањето на ФИНКИ во 2011 година, додаде, се организираат дополнителни курсеви за стекнување вештини. -Техничките знаења плус стекнатите вештини значат полесно наоѓање работа по завршувањето на студиите или охрабрување за започнување свој бизнис. Преку наставата охрабруваме иницијативност и претприемчивост, рече Чорбев. Двајцата се согласија дека одливот на млади стручни кадри е најголемиот проблем со кој се соочува земјава во моментов.
Токму формирањето на Иновативниот центар – Инофеит е со цел да се спречи одливот на мозоци од земјава и еден дел од нив да се задржат и да работат во Центарот за иновации и трансфер на технологии. Тие ќе можат да го користат Центарот додека не застанат на свои нозе со сопствениот бизнис.