Вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, денеска оствари средба со поранешните вработени од ОХИС кои штрајкуваа пред Владата незадоволни од спроведената стечајна постапка.
На состанокот, како што соопштуваат од неговиот кабинет, е констатирана фактичката состојба дека стечајната постапка на ОХИС е завршена и спроведена од судските и стечајните органи, во процес во кој Владата немала ингеренции и не се мешала.
Владата е во комуникација со поранешните вработени и ги разгледува можностите во рамките на сопствените ингеренции и законските можности за изнаоѓање решение за барањата на лицата кои штрајкуваат, наведуваат во соопштението и додаваат дека Владата не се меша, ниту ќе се меша во судски одлуки, а по обвинувањата од вработените дека постојат сомнежи дека во минатото се правеле злоупотреби на службената должност и се оштетувал имотот на ОХИС, а со тоа и имотот на државата, сите евентуални злоупотреби и сомнежи треба да бидат пријават и споделат со државните органи кои спроведуваат истражни постапки.
Во соопштението потсетуваат дека Владата го донесе Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, преку кој се обезбедуваат околу 7800 денари или 34 отсто од просечната плата на месечно ниво за лица кои имаат остварено преку 15 години стаж во некоја компанија која била во државна сопственост, право кое го користат околу 8 000 лица, меѓу нив и поранешни вработени во ОХИС.