Анѓушев: Решавањето на спорот за името има и економски бенефит

Економските бенефити од договорот со Грција и од решението на овој проблем или прашање за нашите идни генерации ќе бидат неспоредливо повисоки од кој било трошок што би настанал за имплементација на овој договор, потенцира Анѓушев.

197

Нашите идни генерации треба да ги видат економските бенефити од договорот со Грција. Без разлика на трошоците што можеби ќе настанат од имплементацијата на овој договор, придобивките се многу големи, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Според него, прашањето за името е од сферата на надворешната политика, но е и економско зашто сите инвеститори кога доаѓаат во некоја држава прашуваат колку е стабилна и дали во неа има владеење на правото.

– Економските бенефити од договорот со Грција и од решението на овој проблем или прашање за нашите идни генерации ќе бидат неспоредливо повисоки од кој било трошок што би настанал за имплементација на овој договор – потенцира Анѓушев.

Негова оценка е дека во делот на институциите кои треба да изменат некакви документи, најверојатно нема да има трошоци.

– Тоа е оставено да биде во еден временски период паралелно со преговорите за членство во ЕУ. Сите во тој период и секако ќе мора да менуваат документи или какви било други материјали кои ќе предизвикаат трошоци – објасни вицепремиерот, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата по повод аплицирањето за државна поддршка за инвестициите на компаните.

Анѓушев подвлече дека по влегувањето во НАТО и ЕУ земјите од соседството имаа сериозни позитивни финансиски импликации: зголемување на странски инвестиции, отворање на европски фондови, полесен пристап до фондови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...