Вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска повика да не се фрла црна дамка врз доделувањето државна поддршка на македонските компании.
Тој во детали ја образложи постапката на доделување на паричната помош за која тврди дека била транспаретна.
Анѓушев денеска на прес-конференција рече дека ја разбира сензитивноста на јавноста во врска со случајот со компанијата „Кастинвест“ која се откажа од грантот од Фондот за иновации и технолошки развој и додаде оти во целост ги испочитувал сите законски аспекти.
– Имам разбирање за сензитивноста на јавноста со оглед на тоа што десет години се случуваше во оваа држава. Немам што да кријам и го охрабрувам Основното јавно обвинителство да го истражи случајот до крај- рече Анѓушев.
Вицепремиерот рече дека во „Кастинвест“ е сопственик на 16 осто и оти денеска имало Собрание на содружници, а неговите партнери донеле разбирање за неговата позиција. Ќе остапат од договорот иако, како што рече, тој е добиен согласно сите критериуми.
Според него, првпат во Македонија се случува една добра иницијатива-македонските компании да бидат поддржани во рамки на иновативноста, мали, средни и микро претпријатија во Фондот за иновации и во рамки на Законот за финансиска помош. Рече да не се фрла дамка и да не се прави дисторзија на вниманието на јавноста од еден успешен и добар проект.
– Прават во државата се прават транспарентни мерки. Првпат во државата се прават мерки кои важат за сите компании во државата без притоа некој да договара нешто во некои кабинети и нема потреба да се прави државна помош за некого посебно, туку се прави по критериуми и процедури, рече Анѓушев.
Потсети дека неговата позиција во Владата била позната и оти поднел анкетен лист во кој, како што рече, прикажал транспарентно кои се неговите имотни позиции, кој е неговиот имот и сопственост во компаниите. Потсети дека секаде каде што има конфликт на интереси тој нема да настапува и оти се откажал од менаџерските позиции во сите компании.
Одговарајќи на новинарски прашања, Анѓушев рече дека е горд на компанијата „Брако“ каде има над 600 вработени бидејќи се вградил и како инженер и како менаџер. Во оваа компанија тој рече дека има 40 отсто сопственост. „Брако“ аплицирал во друг столб за државна помош и најави оти и таму нема ништо незаконско, но поради сензитивноста на јавноста, и сопствениците на „Брако“ ќе се откажат од користење на средствата. Според него, некому му смета успехот на овие проекти и успехот на оваа политика.