Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на вториот ден од „Самит 100 – Бизнис лидери од Југоисточна Европа“, учествуваше на панелот „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар“ кадешто дебатираше со потпретседателот на Владата на Република Србија д-р Расим Љајиќ, а кој го модерираа претседателката на Самит 100 и член на управен одбор на Горење Груп, Станка Пејановиќ и потпретседателот на Самит 100 и генерален директор на Алкалоид, Живко Мукаетов.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека за економски и општествен прогрес, друга алтернатива за земјите од регионот, освен членство во Европската Унија, нема. Тој посочи дека помеѓу земјите членки на Европската Унија во минатото постоеле дури и поголеми разлики од оние кои ги имаат земјите од Западен Балкан и дека тие примери треба да бидат показател како да се надминат предизвиците и како да се делува за подобра и заедничка иднина.
– Владата на Република Македонија активно работи на надминување на разликите кои ги имаме со соседните држави, на решавање на проблемите кои ги имаме со децении и цели кон заедничка иднина. Сметам дека сме добар пример за градење пријателство. Во поглед на мобилноста и поврзаноста, добро е тоа што во сите земји се реализираат важни инфраструктурни проекти, но доколку со квалитетни автопатишта, во кои инвестираме милиони евра, заштедиме 10% од времето за патување, а притоа пак стоката стои на граници по 12 часа, реално не сме направиле ништо. Со години се водат политички дебати како да ја унапредиме регионалната соработка, а не се реализира договореното. Тоа е така заради заштита на локалните економски интереси, што е добро на кус рок, но не носи резултати на долг рок – посочи вицепремиерот Анѓушев.
За да земјите од регионот го постигнат нивото на економски развој кој го имаат поранешните социјалистички држави од централна и источна Европа, како што се Чешка, Полска, Словачка и др. во наредните 20 години треба да се генерира раст на БДП помеѓу 5-7% годишно.
– Постојат четири генератори на растот на БДП: индустријата, градежништвото, трговијата и земјоделието кои се најистакнати во нашите земји. Градежништвото лесно се стимулира, сепак ако станува збор за проекти кои немаат физибилност, државата се задолжува за нив, краткорочно има ефект, а долгорочно проблем. Земјоделието и трговијата треба да се развиваат, но најважно е индустријата да се развива, токму на тоа се темели успехот на централно европските држави. За да индустријата пак се развива, потребно е да се поттикнуваат извозно ориентирани компании, кадешто целиот свет е конкуренција. Компаниите да бидат поконкурентни, Владите мора да бидат ефикасни и од збор да се премине на дело. Регионот нема време за губење, мора да ги отфрлиме предрасудите и да го намалиме влијанието на политиката. Мора да научиме да соработуваме, нашите земји не смеат да бидат конкуренти, мора да бидеме партнери. Треба да видиме кои давачки може државите да ги намалат, за да стимулираме технолошки развој на нашите компании, инаку нема да имаат можност екстензивно да се развиваат – подвлече вицепремиерот Анѓушев
Македонија која гарантира добар живот на своите граѓани, членка на ЕУ, каде географски припаѓа, отворена земја која има создадено добри односи со сите соседи, така ја гледам иднината на државата, нагласи Анѓушев.
– За подобра иднина не ни треба многу. Ни треба добра организација, особено на Владино ниво, да се смени менталниот склоп на администрацијата и на граѓаните, да бидеме поефикасни и поефективни. Стопанствениците се дел од успехот и тие треба да помогнат, да ги платат вработените за да живеат нормален живот и да работат на проекти кои сакаат да ги работат. Сакам да ја видам Македонија како стабилна земја, кадешто луѓето не се оптеретуваат со историја и политика, како партнер на соседите. Сакам искрено да соработуваме за подобар регион, без скриени намери и што е најважно да преминеме од збор на реализација – заврши Анѓушев.