Ќе добиеме исклучително позитивен извештај од Европската комисија во делот на економијата, со максимално добри оценки во генералната економска политика, тврди вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, но потестува дека има простор каде треба да се делува и да се надминат одредени детектирани слабвости.
– Не постои држава во која за економијата може да се каже 100 проценти добро. Можеме да зборуваме за генерална атмосфера и политика, која очекувам да биде максимално добро оценета, и нормално да зборуваме за слабости кои ги има во секоја држава и во нашата веројатно повеќе отколку во државите на Европската унија за што и сакаме да бидеме членка. Очекувам да има подобрувања во делот на инспекциите, сивата економија каде што има сериозен простор да се напредува. Има простор каде што треба да се делува, но во делот на генералната економска политика и економскиот раст, како и енергетската политика, никој не може овие факти да ги негира – рече Анѓушев.
Тој рече дека во јавноста се создава лоша перцепција и тензија околу резултатите во економијата, но сепак не можат да се заобиколат резултатите.
– Кога оваа Влада ја презеде функцијата домашниот бруто производ (БДП) беше – 1,8 отсто, а во последниот квартал лани беше 3,7 отсто, што е 5,5 отсто апсолутна разлика. Факт е и дека во 2018 година имаше625 милиони евра директни странски инвестиции, што никој не може да го негира, како и дека индустриското производство лани порасна седум отсто, додека во првиот квартал годинава над осум, дека се вработија над 26.000 лица и дека нето платата порасна над седум отсто. Никој не може да ја негира тековната изградба на над 25 фабрики во ТИРЗ-овите и надвор од нив. Тоа е факт што со ниту една негативна пи ар кампања не може да се побие освен некој да се обиде да прави негативни перцепции и вознемирувања на народот – рече Анѓушев.