Нема алтернатива за зачленувањето во Европската Унија. Ниедна регионална или локална иницијатива, па ни „мал шенген“ не може да биде замена на тоа што ние го имаме како таргет, а тоа е земјава да стане членка на ЕУ, посочи денеска вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Тука нема алтернатива. Секоја иницијатива која што може да биде локална, а е за да ја подобри регионалната соработка, ние ќе ја поддржиме, но мислам дека има сосема доволно простор во рамките на постојните иницијативи. Треба да се види што тој „мал шенген“ подразбира иако е убаво кога ќе го кажеме популистички, но сепак треба да бидеме претпазливи, бидејќи ниедна локална и регионална иницијатива не смее да биде препознаена како замена на нашето членство во ЕУ – рече Анѓушев во одговор на прашање при посетата на средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“ каде што беше пуштена во употреба фотоволтаична електрана во училиштето.