Вчера имав разговор со госпоѓата Тасева и немав намера да имам негативна дискусија ниту, пак, да се заканувам. Јас само ја прашав дали е во ред институција како Транспаренси Интернешенал и таа како нејзин претставник во Македонија да споменуваат имиња на личности без од нив да побараат мислење. Ги повикувам сите, вклучително и неа да дојдат во мојата канцеларија и да зборуваме со аргументи и факти.
Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во одговор на новинарско прашање по завршувањето на седницата на собраниската Комисија за економски прашања на чиј дневен ред беше рагледувањето на Предлог-законот за енергетика, во прво читање.
– Немам потреба во животот на никого да се заканувам. Мислам дека сензационализам не е потребен. Јас само забележав дека не е во ред да се споменува било чие име па и моето ако претходно не се побара мислење за тоа. Ги охрабрувам сите и Транспаренси Интернешенал да одат длабоко во истражувањата за Фени и да ги испитаат сите постапки – изјави Анѓушев.
Тој нагласи дека е факт оти „Фени“ денес работи, 700 луѓе одат на работа и дека како во ниеден друг стечаен процес досега обезбедените доверители и транспортерите се 100 отсто исплатени, како и најголем дел од необезбедените доверители.
– Веројатно и некого во оваа држава го боли што стечај од 67 милиони евра ќе биде решен за разлика од сите други стечаи кои иако со помалку пари не беа решени. Среќен сум што на некој начин како држава сме успеале да го решиме овој проблем со што во државата влегоа над 50 милиони евра, фабриката има иднина, 700 семејства земаат плата. Обвинувањата не се однесуваат на Владата, бидејќи стечајната постапка ја водат стечајниот управник и стечајниот судија – рече Анѓушев.
Владата, нагласи тој, единствено треба да создаде амбиент да не се злоупотребуваат институциите како што биле во минатото и нема да дозволи повеќе парите да излегуваат од Република Македонија.
– Симптоматично е што истрагите што ги води Транспаренси се врз база на пријава од „Кунико“, тие кои што го создадоа проблемот и ја донесоа фабриката во таа ситуација. Имаме основана индиција дека се направени одредени кривични дела и веќе има и кривична постапка – рече Анѓушев.
За обвинувањето на претставниците на опозицијата дека Законот за енергетика намерно е направен хаотично за да се прикријат бизнис интересите на Владата, Анѓушев посочи дека во Собранието треба да се зборува со аргументи, а не со памфлети.
– Законот е направен во согласност со европската легислатива и Европската енергетка заедница. Законот ги помина сите возможни филтри и ценам дека е апсолутно и максимално квалитетно направен. Кој било, а посебно ја охрабрувам опозицијата преку своите пратеници да бидат пристуни во Парламентот и да ги кажат своите забелешки. Со памфлети и политизирање не се оди во Европската унија и не се гради држава – потенцира Анѓушев.