Анѓушев најави три нови странски инвестиции, а Американците од „Дура“ ги пренасочиле од Чешка

Една од новите инвестции што ќе се реализра е Локотранс, а договорот помина вчера на Влада и ќе биде надвор од ТИРЗ, ќе прави фабрика за шински возила. Втората компанија е од ИТ секторот од Бугарија и третата е „Дура“, која дефинитивно реши да инвестира со две нови фабрики. Тоа се инвестиции над 100 милиони евра, изјави Анѓушев.

5434

Нови три странски инвестиции ќе почнат да се релизираат во земјава, а една од нив е и на американската компанија „Дура“, која ќе го дополни производството со две нови фабрики што ги убедивме да ги инвестираат во земјава, а планираа да ги отворат во Чешка, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во вечерашното интервју на Националната телевизија.

– Една од новите инвестции што ќе се реализра е Локотранс, а договорот помина вчера на Влада и ќе биде надвор од ТИРЗ, ќе прави фабрика за шински возила. Втората компанија е од ИТ секторот од Бугарија и третата е „Дура“, која дефинитивно реши да инвестира со две нови фабрики. Овие производствени капацитети „Дура“ планираше да ги направи во Чешка, а се за екструзија за алуминимумски профили за автомобилска индустрија и за шасии за автомобили каде што ќе бидат имплементирани батерии за електрични возила. Тоа се инвестиции над 100 милиони евра, изјави Анѓушев.

Тој, како што соопштија од неговиот кабинетот, посочил дека изминативе две и пол години во државава имало тешки политички теми за решавање, па бројките во економијата не биле доминантни, иако се одлични.

– За странските директни инвестиции во периодот од 2017 до 2019 година има 741 милион евра, во периодот од 2015 до 2017 има 550 милиони во периодот од 2013 до 2015 има 450 милиони евра. Или во последниве две години има 33,5 отсто повеќе од претходните две и 62,1 посто од првите две години. Во периодот од 2013 до 2015 има седум потпишани договори и шест пуштени фабрики, од 2015 до 2017 има седум потпишани договори. Во периодот од 2017 до 2019 година има 22 потпишани договори и 12 пуштени фабрики, изјави Анѓушев.

Вицепремиерот истакнал дека позитивниот тренд од креираните економски политики се гледа и низ бројките во индустриското производство каде во периодот од 2013 до 2015 индустриското производство паднало 5,6 отсто, за од 2015 до 2017 година да има раст од 3,29 проценти и во периодот од 2017 до 2019 да се искачи на 8,87 отсто.

– Во иднина очекувам да се држи овој курс на поддршка на конкурентноста, кој го обезбедивме преку Законот за финансиска поддршка. Бидејќи ние не им дадовме на компаниите априори пари, па тие да ги трошат, ние само ги стимулиравме да инвестираат во нова технологија, а ние им вративме десет посто ако се домашно ориентирани и 20 проценти ако се извозно ориентирани. Тоа е една солидна помош за компаниите за тие да инвестираат во нова технологија и опрема. Зошто е тоа важно? Затоа што само со нова технологија и нова опрема тие можат да станат продуктивни, а продуктивноста е основна компонента за да бидат конкурентни и да настапуваат на светскиот пазар. Македонска индустрија, без да е извозно ориентирана, тоа практично е невозможно, истакна Анѓушев.

Осврнувајки се на образованието како предизвик кон кој треба да се работи во следниот период вицепремиерот посочил дека образованието не е само прашање на едукација, туку е основа за идниот економски раст и развој.

– Не можете да правите индустрија и економија без добро образование. Не можете да правите ни земјоделие без добро образование. Затоа што слабите проекти и неквалитетните проекти произлегуваат од лошите инженери. Мора да го подигнете капацитетот, рече Анѓушев, додавајќи дека на неколку недели пред заминување на седница на Влада доставил две точки кои ги поминале.

Едната, како што вели, е за средно образование, каде што точно кажал како треба да биде дуалното образование, односно целото средно образование организирано.

– Мора да ги намалите гимназиските паралелки, да го покачите капацитетот на средните стручни училишта и мора да воведете дуално образование ако сакате да бидете конкурентни на пазарот. Дуалното образование кај нас се воведе експериментално. Денес има десетина паралелки низ државата со дуално образование и тоа е недоволно. Ние треба да го воведеме како систем и тој систем треба да биде таков за да не биде тоа училиште за губитници. Кај нас се подразбира дека секој што не може да учи или не го бива во школо, тој оди за некакво работничко образование. Тоа не е така. Не е така во светот, па не беше така ни во Социјалистичка Југославија. Тоа е некој кој не сака да учи општи предмети, историја, социологија. Но тој ќе се насочи кон она што сака да го работи. Ние треба да им дадеме можност на овие луѓе да продолжат со универзитетско образование, а притоа предноста е дека уште во текот на средното училиште ем работат ем заработуваат ем го учат тоа што го сакаат и на крај ќе имаат можност да продолжат и на универзитети да се образуваат, објасни Анѓушев.

Другото, додаде, е да го зголемиме капацитетот на техничките универзитети, да го подобриме квалитетот на инженерите што излегуваат, се наведува во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...