Над 40 милиони евра за поддршка на компаниите се планирани за следната година, најави денеска од Кавадарци вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. На работната средба на Регионалната стопанска комора со претставниците на компании, тој говореше за мерките на Владата за подобрување на економијата.
-Оваа година првпат направивме Закон за финансиска поддршка при што се опфатени и македонските компании. Првите стотина компании веќе добија државна помош, меѓу кои и кавадаречки компании. За следната година ќе има повеќе средства, во Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР. Идејата е, компаниите, ако сакаат да бидат конкурентни и да растат, мора да бидат конкурентни и надвор од Македонија. Тажно мала е бројката на оние кои извезуваат надвор. Тука треба да се направи исчекор. За конкурентност, потребно е да се има современа технологија и добра организација. Државата може да помогне полесно да се дојде до технологија. Затоа и се прават птограмите за помош на стопанствениците. Во Законот за финансиска поддршка повратот е 10 проценти или 20, ако станува збор за извозно ориентирана компанија. Во ФИТР поддршката е 30 проценти за обнова на технологија или 70 отсто ако се има иновативен проект, подвлече вицепремиерот.
Тој ги охрабри компаниите да конкурираат за поддршка.
-Бев изненаден кога го обзнанивме Законот за финансиска поддршка, а на стопанствениците не им беше веројатно дека тоа може да се случува. Интересот беше мал, а условите за да се аплицира не се комплицирани, растечка компанија која не го намалува бројот на вработени – додаде Анѓушев.
Оваа година во ФИТР имало пари од Светска банка, кредит од околу пет милиони евра. Од програмата за финансиска поддршка биле префрлени три милиони евра. Околу 15 милиони евра биле реализирани со договорите за финансиска поддршка и преку Агенцијата за вработување. Или, околу 30 милиони евра кои годинава ќе бидат поделени на компаниите. За следната година оваа бројка е зголемена. Само во програмата за финансиска поддршка ќе има дваесетина милиони евра, плус во ФИТР дополнителни 10 милиони. Плус во Агенцијата, значи следната година се планирани над 40 милиони евра.
Потсети дека вакви програми немаше во минатото. Информираше дека заедно со претседателот на Стопанска комора започнала иницијатива преку Министерството за информатичко општество и администрација, за уривање на административните бариери, со цел да се олеснат постапките околу јавни набавки, концесии, земјоделство и барање субвенции и слично.
Анѓушев говореше и за третата идеја која се обидуваат да ја реализираат, а тоа е проблемот со кадар во државата.
-Ако мене ми речете да ги дефинирам трите најголеми проблеми во економијата, прво е како таа да ја зголеми конкурентноста и да дојде до технологија. Второ е, да се урне бирократијата која ве мачи. Трет проблем кој ќе биде се поголем за економијата, е тешкотијата да се најде кадар. Или е нестручен или не сака да работи, се иселува и слично. Во тој дел направивме три нови програми – соопшти вицепремиерот.
Првата програма е Законот за практиканство за лица до 29 години, а тука е и дуалното образование при што компаниите едуцираат средношколци, а државата помага. Под три е брзата активна мерка за вработување, да се види во една општина кои лица бараат работа, а што компаниите реално бараат, па државата да ја покрие доедукацијата на лицата кои ќе можат да се вработат, како и нивните плати и придонеси за шест месеци. Компаниите ќе имаат обврска да ги вработат, доколку едукацијата е успешна.
-Државата за прв пат годинава одреди над милијарда денари за вакви активни мерки за вработување, а следната година таа бројка ќе биде зголемена. Се со цел, колку што е можно повеќе пари да се враќаат во економијата – дециден беше вицепремиерот.