Во последниот редовен годишен извештај Енергетската заедница го нотираша напредокот во имплементација на реформите во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија и ја посочи како шампион во спроведување на енергетски реформи. Ова го изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во Вашингтон на панел дискусија „Енергетска безбедност во Источниот Медитеран“, која се одржа во рамките на Конференцијата на Југоисточна Европа и Источен Медитеран „Нови стратегии – нови перспективи“.
На панелот учествуваа и грчкиот министер за развој и инвестиции Адонис Георгиадис и министерот за надворешни работи на Кипар Никос Кристодулидес.
– Усвојувањето на Законот за енергетика во мај 2018 година и имплементацијата на сите реформи кои произлегуваат од овој Закон по предвидената динамика носат многу можности за развој на енергетскиот сектор особено кога станува збор за обновливите извори на енергија. Сведоци сме за успешно реализирана тендерска постапка за изградба на првите 19 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични електрани на државно земјиште. Тендерот беше одлично конципиран и условите многу атрактивни за инвеститорите, почнавме со позитивна понуда за Премиуми, но со поддавањето помеѓу заинтересираните компании, не само што државата нема да исплаќа Премиуми, туку и компаниите за да ги изградат тие фотоволтаични електрани од 19 мегавати ќе и исплатат на државата околу 2 и пол милион евра, што е еден позитивен исчекор во зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и еден од најдобрите проекти во Југоисточна Европа – рече Анѓушев.
Говорејќи генерално за енергетиката, Анѓушев посочи дека за успешно енергетско живеење во предвид треба да се замат енергетската инфраструктура, изворите на енергија, како и правната регулатива во енергетскиот сектор.
– Кога зборуваме за електро – енергетската инфраструктура, можам да кажам дека нашата земја е многу добро поврзана со соседните преку 8 постоечки далекуводи, а за уште подобро поврзување во тек се процедурите за изградба на уште еден далекувод за електро – енергетско поврзување со Албанија. Она што ни недостига е добро гасно поврзување. Во моментов има само една гасоводна цевка за снабдување која доаѓа од Бугарија, пришто во голема мерка зависиме од снабдувањето со гас преку Гаспром. Нашиот главен приоритет во таа смисла е изградбата на гасоводен интерконектор помеѓу Северна Македонија и Грција, со кој би се поврзале со Трансатлантскиот гасоводен систем и терминалите за природен гас на брегот на Егејското Море. Изработена е физибилити студијата и одредена е трасата по која ќе поминува овој гасовод, во тек сме со изработка на студијата за заштита на животната средина и основен проект, обезбедени се и финансиски средста преку Европската инвестициона банка, што значи дека сме веќе во финална фаза пред објавување на тендерската постапка за изградва на гасниот интерконектор. Заедно со Република Грција треба да работиме на овој проект, на тој начин би се зголемила конкурентноста во снабдување со гас, што значи и сигурност и поповолни цени за крајните потрошувачи – потенцираше вицепремиерот Анѓушев
Во рамките на конференцијата, Вицепремиерот се сретна и со Вилбур Рос, секретарот за трговија во Стејт Департментот, со Метју Палмер, Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, како и други претставници од политичкиот и економски живот во САД.