Анѓушев: Енергетиката не се планира од денес за утре, туку за 20-30 години

Вицепремиерот Анѓушев очекува до крајот на годината да биде подготвен и законот за енергетска ефикасност, кога ќе биде ставен на јавна дебата.

110

Македонските енергетски компании мора да ги препознаат можностите што ги нуди Законот за енергетика, со цел да станат поконкурентни во регионот, да направат интерни и внатрешни транзиции во нивното работење за да се приспособат во новиот енергетски свет и на новата енергетска транзиција.

Ова го порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во своето обраќање на отворањето на меѓународната конференција „Енергетика 2018“ што од денеска до 6 октомври се одржува во Охрид во организирана од Здружението на енергетичарите на Македонија и Македонската енергетска асоцијација.

– Енергетиката како крвоток на индустријата е суштината која мора да се планира долгорочно. За жал оваа област многу години беше запоставувана во Република Македонија и ценам дека треба да и се даде нужното внимание, бидејќи ако за енергетиката немате план за следните 10, 20, 30 години колку што предвидува енергетската стратегија во тој случај немате никаков план. Енергетиката не се планира од денес за утре, ниту од годинава за следната. Мора да биде планирана на подолг рок, ако сакате да ја имате како одржлива и сериозна во една држава – рече Анѓушев.

Енергетиката, посочи тој, ќе се развива во насока на регионални берзи за електрична енергија, инфраструктура во гасоводните мрежи и глобалниот свет на нафтената индустрија.

Вицепремиерот Анѓушев очекува до крајот на годината да биде подготвен и законот за енергетска ефикасност, кога ќе биде ставен на јавна дебата, повикувајќи ги сите да учествуваат и дададат свој придонес во комплетното формулирање на законското решение.

– Енергијата е еден од клучните фактори во креирањето на цената на било кој производ. Доколку зборуваме за индустријализација на РМ ние мораме да зборуваме за извозно ориентирана економија и индустрија. Не постои извозно ориентирана индустрија доколку таа не е конкурентна, а еден од факторите е и цената. Цената ја формираат повеќе фактори, но енергијата е еден од клучните. Затоа евтината енергија е предуслов за нашето стопанство да биде конкурентно, а тоа се постигнува преку енергетската транзиција и домаќинско работење во енергетските компании – подвлече Анѓушев.

На отворањето на конференцијата, каде што учествуваат над 70 научници и стручни лица, своое обраќање меѓу другите имаа и генералните директори на МЕПСО и ЕЛЕМ Сашо Василевски и Драган Миновски.

Науката, како што истакна директорот на МЕПСО, треба да го трасира патот на енергетиката, посочувајќи дека ја поддржува стручната фела во работата за доброто на државата преку иновациите и подобрувањето на ефикасноста во работење од што корист ќе имаат сите.

– Директна корист ќе имаат компаниите кои се вклучени во бизнисот на електричната енергија или се директно приклучени на нашата електропреносна мрежа, индирекна корист ќе имаат сите други правни лица кои имаат деловни односи со нашите партнери или корисници на нашите услуги, а крајната цел се граѓаните да почуствуваат подобар живот – истакна Василевски.

Компанијата, нагласи тој, има активности во модернизација на мрежата, отворање на пазарот за електрична енергија, неговата интеграција на европскиот пазар и научниот развој. Како најзначаен го издвои процесот на модернизација на преносната мрежа во кој се вклучени изградба на пет нови далекуводи на постоечките траси, модернизација на осум трансформаторски станици, електро-енергетското поврзување на Македонија и Албанија со нов 400 киловолтен далекувод и за неговите потреби нова трансформаторска станица во близина на Охрид….

ЕЛЕМ, според директорот Миновски, ја поддржува размената на идеи и размислувања во работната средина како еден од главните двигатели на секоја организација, додека, пак, размената на мислења, идеи и дискусии на ваков вид собири е можност за развој на целиот сектор и унапредување на сите субјекти кои се вклучени во конференцијата.

На конференцијата ќе бидат презентирани повеќе од 30 научни и стручни трудови, а ќе се разговара за енергетските предизвици поврзани со пазарот за електрична енергија, производство, имплементација на решенија за паметни мрежи и нивно управување, енергетска ефикасност, екологијата и обновливите извори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...